Рускоска бара помош од амбасадите на САД и на ЕУ: Имам притисоци од владин функционер

Вилма Русковска шефицата на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција синоќа ги повика амбасадите на САД и на ЕУ за помош, како што вели, од притисоците на директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми.

Првиот човек на финансиската полиција Муареми вчера на брифинг ја обвини обвинителката Русковска дека сака да му го наруши угледот и дека до крајот на неделата против неа и против две обвинителки кои му вршеле претрес, ќе поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и за фалсификување документи.

Реклама

-Јас како обвинител со стаж повеќе од 34 години, во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постапувањето да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ги градела. Честа, угледот, поштењето, ги имам научено од мала возраст од моите родители кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија. Татко ми беше потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум. Мајка ми партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на Сремскиот фронт. Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите мегународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти – кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Исто така, ја замолувам и европската обвинителка Лаура Ковеси, ако е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зекири и овој најновиот, за Муареми, повикува Русковска.

Шефицата на обвинителството упати порака и до владата.

-Згрозувачки е овој притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата Арафат Муареми, како и мешањето во предмет на ОЈО ГОКК кое е стриктно забрането, согласно Законот за јавно обвинителство. Ако Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР преку медиумите, вистината мора да излезе на виделина!, вели Русковска.

Обвинителката прашува „како тоа се напаѓаат клучните обвинители кои ги водеа случаите против Катица Јанева, Фросина Ременски, Драги Рашковски и Мухамед Зекири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери“, како и дека „никогаш нема две вистини, има само една“.

Таа вели дека во наредниот период е подготвена со јавноста да ги сподели информациите кои ОЈО ГОКК ги има за директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми, „па јавноста нека суди кој е криминалец, а кој се бори против криминал“.

-Токму поради овој атак и притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК треба и меѓународните институции, како и амбасадите на САД и ЕУ сериозно да преземат мерки затоа што ова најмалку доликува на членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ, каде владеењето на правото е имератив, пишува Русковска.

Таа ги повика домашните институции да реагираат за притисоците лично кон неа и кон Обвинителството за гонење организиран криминал затоа што „во државата има криминал, но има притисоци тој да не се гони“.

-Македонија не е ниту диктатура, ниту монархија, во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па и тој да е во највисоките ешалони на власта“, пишува Русковска.

За Арафат Муареми, Русковска вели дека нема да дозволи лице против кое се постапува да ѝ го валка образот, а пред јавноста ќе презентира што е откриено за да се види кој сторил криминал.

Пред две недели обвинителството на Русковска влезе во Управата за финансиска полиција, кај директорот Арафат Муареми во предистражна постапка, а Русковска рече дека наредбата ја дала по пријава на група граѓани против директорот.

Реклама