Руски генерал кој беше во тимот на Слободан Милошевиќ бара оставка од Путин: “Повикуваш на војна, а никој не ни се заканува, тоа е злосторничка политика”!

Највисоко рангираниот пензиониран руски генерал го предупреди Владимир Путин да не влегува во војна со Украина, обвинувајќи го рускиот лидер дека создава вештачки конфликт за да го одвлече вниманието од неговите домашни проблеми.

Генералниот полковник Леонид Ивашов напиша отворено писмо со наслов „Во предвечерието на војната“ во кое ја осудува „криминалната политика на Путин за предизвикување војна“, и покрај фактот што Русија не се соочува со никакви „критични закани“, пренесува Ал Џезира.

Google search engine

Реткиот излив на внатрешно несогласување доаѓа во време кога францускиот претседател Емануел Макрон беше во Кремљ каде разговараше со Путин за кризата и еден ден откако советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан рече дека инвазијата може да се случи „секој ден со огромна човечка цена“.

Генералот Ивашов, кој се повлече од воената служба и е активен во политиката како Претседател на Серуското офицерско Собрание, претходно беше шеф на Путин за воената соработка во Министерството за одбрана.

Во отвореното писмо на веб-страницата на Собранието, тој рече дека се плаши дека Русија ќе стане „парија на светската заедница“ доколку се изврши инвазија и го повика Путин да поднесе оставка.

Одликуваниот генерал е еден од најпочитуваните и најагресивните генерали во руското Министерство за одбрана и е познат како тврдокорен националист кој сè уште се залага за советскиот систем и е близок до остатоците од Комунистичката партија. Откако Путин го отпушти во 2001 година, тој стана жесток критичар на рускиот претседател – и често го повикуваше да поднесе оставка бидејќи бил премногу „мек“ и ја штител корумпирана елита на сметка на јавноста, обвинувајќи го за „злосторства против Русија“.

Неговата последна интервенција покажува дека во Русија има барем мало противење за влегување во војна со Украина, а тоа доаѓа откако 5.000 граѓани потпишаа петиција со која побараа Путин да го прекине конфликтот.

Ивашов рече: „Што се однесува до надворешните закани, тие секако се присутни. Но, според нашата експертска проценка, тие во моментов не се клучни, не го загрозуваат директно постоењето на руската државност и нејзините витални интереси“.

Коментирајќи го писмото, експертот за Русија од Стенфорд, Мајкл Мекфол, кој претходно беше американски амбасадор во Русија, рече: „Ова е голема работа. Руските генерали обично не се вклучени во дебатите за јавна политика, особено не оние како Ивашов”.