Русија ни враќа со иста мерка: Македонски дипломат прогласен за персона нон грата

Русија прогласи дипломат од македонската амбасада во Москва за персона нон грата, во знак на одговор поради протерувањето на рускиот дипломат од земјата.

„Вршителката на должноста амбасадорка на Република Северна Македонија во Руската Федерација, Оливера Чаушевска-Димовска, беше поканета во Министерството за надворешни работи на Русија, каде ѝ беше врачена нота на Министерството, со која вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва се прогласува за персона нон грата”, се вели во соопштението од руската амбасада објавено на Фејсбук, пренесе РИА новости.

Google search engine

Претдходно, минатиот месец Македонија прогласи дипломат во Амбасадата на Русија во Скопје за персона нон грата. Одлуката за протерување на рускиот дипломат беше донесена откако на 14 мај, во просториите на Министерството за надворешни работи бил повикан амбасадорот на Руската Федерација, при што му била врачена нота со која се наложува дипломатот да ја напушти македонската територија во рок од седум дена. Како причина за протерување на дипломатот беа посочени активности што не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин.

Министерството за надворешни работи смета дека протерувањето на македонски дипломат од Москва е неоснован потег и дека станува збор за политичка одмазда која негативно ќе влијае на односите меѓу двете земји.

„Министерството за надворешни работи искажува жалење за овој неоснован потег на руската страна, кој претставува политичка одлука базирана единствено на начелото на политичка освета, и која со тоа негативно ќе влијае на интензитетот на билатералните односи меѓу двете земји“, велат од МНР.