Русија: Можен е судир, подготвени сме на сè! На Европа и се заканува кошмарно сценарио

Кремљ денеска соопштил дека целта на Украина – враќање на Крим под своја контрола – претставува директна закана за Русија, пренесува “AFP” и потсетува дека Русија тој полуостров го анектирала во 2014-та година и дека односите на двете земји се дојдени до точка на вриење.

“На тоа гледаме како на директна закана за Русија”, им рекол на новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, алудирајќи на изјавите на украинскиот претседател Володомир Зеленски.

Google search engine

Тој во средата во парламентот рекол дека “ослободувањето на Крим треба да остане цел и филозофија на Украина”.

Зеленски зборувал за дипломатски напори, а не за воена интервенција, додава “AFP”.

Но за Кремљ “така формулираната изјава секако значи дека Киев е подготвен да ги употреби сите средства, вклучувајќи и сила, за да посегне по руска територија”.

Осудувајќи ја агресивната реторика на украинските власти, Песков не исклучил воена операција на Киев на истокот на земјата.

“Веројатноста за украинска воена акција на сепаратистичкиот источен дел на земјата и натаму е голема”, рекол Пексов додавајќи дека на линијата на разграничување провокациите се се почести и дека Русија тоа многу ја загрижува.

Исто така го обвинил Киев дека не ги почитува договорите од Минск потпишани во 2015-та година.

Москва одлучно ги отфрлила обвиненијата дека е воено настроена и за возврат ја обвинува Украина дека претставува закана за Русија, а дека НАТО сака да се прошири до нејзините граници.

Лавров: На Европа и се заканува кошмарно сценарио

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров предупредил дека Европа би можела да се врати на тоа што го нарекол “кошмарно воено сценарио”.

На европската безбедносна конференција во Шведска, Лавров ја изнел идејата за нов европски безбедносен пакт за да се обиде да го спречи ширењето на НАТО кон исток.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен предупредил на сериозни последици доколку Русија започне војна со Украина. Состанокот се одржува во момент кога Русија собира војска во близина на украинската граница.

Москва демантира дека подготвува напад на Украина и го обвинува Киев за воено засилување. Во екот на раст на тензиите, Русија во четвртокот соопштила дека уапсила тројца осомничени агенти на украинските безбедносни служби.