Резултати од германско истражување: Прво ги вакцинирале со “АстраЗенека”, а потоа со “Фајзер”

Германските научници им дале две различни вакцини против коронавирус на пациенти кои како прва доза примиле “АстраЗенека”, а потоа сакале “Фајзер”, што дало навистина интересни резултати.

Германските научници спровеле истражување на 250 луѓе кои како прва доза вакцина против коронавирус примиле “АстраЗенека”, за подоцна истите луѓе да се ревакцинираат со вакцината од американско-германско производство “Фајзер”, тврдејќи дека резултатите од проверката на антителата кај тие групи на пациенти откриле интересни факти.

Имено, според тврдењата на научниците, комбинацијата од вакцините покажала голема ефикасност во поглед на создавање на имунитет против Ковид-19.

“По истражувањето кое е спроведено на 250 лица, кои прво примија “АстраЗенека”, а потоа “Фајзер” вакцина, забележана е значајно поголема ефикасност во создавањето на имунитет отколку кај луѓето кои примиле две дози од “АстраЗенека””, стои во соопштението од Универзитетот Сарске во Сабрукен.

Таквата комбинација, како што се истакнува, постигнува поголема ефикасност и од двојната доза “Фајзер”, бидејќи се покажало дека комбинација од вакцините создава многу поголем број на антитела и таканаречени Т-клетки. Поради тоа авторите на истражување, кои и самите, како што тврдат, биле изненадени од резултатот на истражување, препорачуваат вакцинирање со различни видови на вакцини.

“Истражувањето би требало да биде продлабочено за да се дојде до нови сознанија во врска со ефикасноста на комбинација од вакцините според пол или според возраст”, согласни се истражувачите.

Потсетуваме, “Фајзер/Бионтек” се вбројува во поновата генерација на таканаречени “мРНА” вакцини, додека “АстраЗенека” припаѓа на традиционалната група векторски вакцини.

Откако германската Сојузна канцеларија за вакцинација на почетокот на април препорачала помладите од 60 години повеќе да не се вакцинираат со “АстраЗенека”, се појавил проблем со лицата кои веќе ја примиле првата доза од тој вид. На крајот, на нив им било препорачано да се ревакцинираат со “Фајзер” или “Модерна”.