Регулаторот бара начин како да се намали бројот на семејства кои живеат во енергетска сиромаштија

Да се зголеми бројот на граѓани на кои државата финансиски им помага во борбата против енергетската сиромаштија. Вакво барање Регулаторната комисија за енергетика испрати до Министерството за економија. Регулаторот бара да бидат опфатени повеќе категории на социјално ранливи граѓани се со цел тие полесно да ги поминуваат зимските месеци од годината. Од ресорното министерство за Денар велат дека ваквото барање ќе биде разгледано. Воедно од Министерството за економија потсетуваат дека врз основа на Законот за енергетика оваа година во соработка со Министерството за труд и социјална политика предложиле до Владата Програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2020 година.

Регулаторната комисија за енергетика ваквата иницијатива ја испрати по барање на Европската енергетска заедница со цел да се намали енергетската сиромаштија кај домаќинствата кои не се во целосна финансиска кондиција да си ги подмират сметките за електрична енергија. Регулаторот смета дека треба да се опфатат следниве категории на граѓани: домаќинства кои добиваат постојана социјална парична помош, домаќинства во кои нема ниту еден вработен член, граѓани кои не се корисници на постојана социјална парична помош, домаќинства во кои има невработено лице, корисник на паричен надоместок од Агенцијата за вработување. Потоа домаќинства во кои има повеќе од два члена во кои има и дополнително и еден пензионер што добива минимална пензија, домаќинства со повеќе од два члена во кои еден е вработен и тој заработува минимална плата. Домаќинства во кои има невработено лице од први април 2020 година. Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски,  проширувањето на ранливите категории на граѓани е во согласност со начелата на Секретаријатот на Енергетската заедница која е со седиште во Виена.

Реклама

„Со ова, практично и формално ја започнуваме иницијативата со која сакаме да го зголемиме опфатот на домаќинствата кои не можат во целост да ги подмират фактурите за електрична енергија, или поголем дел од нивните приходи одат за плаќање на фактурите. Целта е  преку субвенционирање на одредена сума од страна на државата да се надмине овој проблем“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Од Министерството за економија кое е надлежно за секторот енергетика потврдуваат дека го добиле барањето од РКЕ. Од таму за Денар велат дека внимателно ќе ја разгледаат оваа иницијатива и навремено ќе одговорат. Инаку, од Министерството за економија велат дека веќе подготвиле Програма за заштита на ранливите потрошувачи со главна цел да се намалат трошоците за потрошувачка  на енергија преку примена на мерки за енергетска ефикасност кај ранливите потрошувачи. Според програмата, ранлив потрошувач е домаќинство кое што користи гарантирана минимална помош и остварува паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството. Директната финансиска поддршка од државата се користи како паричен додаток директно на потрошувачите заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството во месеците од октомври до март или како што ги наведуваат од Министерството за  економија, енергетски ваучери кои ги исплаќа Министерството за труд и социјална политика од нивниот Буџет. Од ресорното министерство посочуваат дека во мерките од државата  е вклучено ослободување од обврска за плаќање на надоместок за повторно приклучување на дистрибутивната мрежа за топлинска енергија, трошоци за вонредна верификација на мерната опрема, изведбата на стандарден приклучок за приклучување на станбениот објект на ранливиот потрошувач, без надоместок, приоритет при отстранување на дефекти и надоместок на штета поради прекини, приоритет во преземање на мерки за поправки и отстранување на недостатоци, информирање на ранливите потрошувачи за правото да побараат користење на мерките.

„Мерки што ги презема снабдувачот со обврска за обезбедување на јавна услуга, односно универзална услуга во снабдувањето со енергија – неисклучување на ранлив потрошувач поради неплатени сметки за испорачана енергија во месеците декември, јануари и февруари,  неисклучување ако од рокот за доспеаност за плаќање на сметката не се поминати повеќе од 60 дена, известување во писмена форма за планираното исклучување најдоцна 40 дена пред исклучувањето, можност за одложено плаќање на доспеаниот долг или реструктуирање на долгот. Министерството за економија за наредната година има предложено и планирано 8.000.000,00 денари од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година,  наменети за ранливите потрошувачи кои се очекува да  бидат употребени за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2021 година, и која покрај лицата кои се опфатени со категориите кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика“, велат за Денар од Министерството за економија.

Инаку, пред извесен период првиот човек на Енергетската заедница Јанез Копач, укажа дека неопходно е да се обезбеди заштина на ранливите категории на потрошувачи. Неофицијалните податоци се дека дури 25 отсто од домаќинставата во Мкаедонија живеат во енергетска сиромаштија. Според последните истражувања, во земјите од Европската Унија има повеќе од 50 милиони домаќинства кои живеат во енергетска сиромаштија.

Реклама