Веќе трети месец нема регистарски таблици во Македонија. Сопствениците кои набавиле нови возила или вршат пререгистрација не можат да добијат таблици и се чека дури со недели.
По повеќе од две децении прекина соработката на „Раде Кончар-Контактори и релеи” со МВР, но прашањето е зошто? Министерството повеќе не набавува регистарски таблици за автомобили од фабриката. Во раководството велат ,дека не им е јасно зошто биле елиминирани како понудувач и не го добиле тендерот. Образложението, според нив не било воопшто издржано и чекаат да заврши постапката околу жалбата“.
Во врска со овој случај се огласија од „Раде Кончар-Контактори и релеи“, а соопштението ви го пренесуваме во целост:
„Почитувани,
Во врска со недостигот на регистерски таблички и секојдневниот притисок што го чувствуваме како од медиумите така и од компаниите, граѓаните и амбасадите, ние Раде Кончар – Контактори и Релеи ДОО како општествено одговорна компанија со повеке од 70 години традиција, сакаме да ја информираме јавноста каде ги лоцираме причините за ваквата состојба.
Постапката за набавка на регистерски таблички трае повеке од 9 месеци. Причината лежи во честите измени во тендерската документација коишто ги објавуваше Министерството за внатрешни работи како и пропустите при водење на постапката.
Имено, нашата понуда при првична евалуација беше отфрлена како неприфатлива, заради технички грешки во понудата, без да ни биде дадена можност да ги исправаме, додека на останатите понудувачи им беше дадена дополнителна можност да достават сертификати МКC EN ISO 9001:2015 и MKC EN ISO 1400:2015 коишто се бараа во тендерската документација, а коишто ги немаа доставено кон понудата, иако тоа е спротивно на Законот за јавните набавки.

Дополнително би истакнале дека економските оператори на коишто им беше овозможено да учествуваат на електронска аукција не располагаат со сертификат од Меѓународно акредитирана лабораторија, кој потврдува дека регистерската табличка е во целост усогласена со стандард МКС ISO 7591-2009 (моторни возила-ретрорефлектирачки таблици за моторни возила и приколки). Односно економските оператори не докажаа дека мострите коишто ги доставија се изработени согласно меѓународниот стандард МКС ISO 7591:2009 или еквивалентен на истиот. Со цел да биде запознаена јавноста, би истакнале дека меѓународниот стандард МКС ISO 7591-2009 е предвиден во Правилникот за формата и содржината на регистарските и пробните таблички на возилата и начинот и постапката на нивно издавање (Службен весник на Р. С. Македонија бр. 293/20). Иако во текот на постапката за јавна набавка, односно во текот на изминатите 9-10 месеци, му беше укажувано на договорниот орган на оваа околност, сепак истиот не го предвиде сертификатот како посебен услов во тендерската документација. Како единствен производител на регистерски таблички во земјата, со повеќе од 20 години искуство во оваа дејност и учесник на меѓународни тендерски постапки за регистерски таблички и кој притоа поседува сертификат од меѓународно акредитирана лабораторија, бевме отфрлени уште во постапката на евалуација на понудите. Одлука ја обжаливме со поднесување на жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки.
Државната комисија за жалби по јавни набавки ја увиде оваа околност и даде насоки согласно коишто му укажува на договорниот орган дека при вршење на повторна евалуација на понудите, е потребно да изврши правилна евалуација, која ќе биде во согласност со барањата и условите наведени во тендерската документација. Во истата е наведено дека: „Проверка на квалитетот на регистарските таблици: – испитувањата на квалитетот на регистарските таблички се врши според меѓународниот стандард МКС ISO 7591:2009 или еквивалентно. При повторната евалуација, ние повторно сме елиминирани од постапката, а мострите на економските оператори на коишто им беше овозможено да учествуваат на повторената електронската аукција, повторно не содржат ваков сертификат. Понудите на истите требаше да бидат отфрлени како неприфатливи, а не да им се овозможи повторно да одат на електронска аукција. Во врска со сето погоренаведено од наша страна вложена е повторно жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки и се надеваме дека истата ќе постапи во согласност со нашата пријава и ќе ги уочи сторените неправилности и ќе спречи настанување на ненадоместлива штета, односно испорака на неквалитетни регистерски таблици, меѓународно непризнаени, во крајна линија неиспорака на регистерските таблици и доведување во прашање на стекнатиот меѓународен углед на Република Северна Македонија. Во моментов, доведено е во прашање и нормалното пуштање во сообраќај на моторни возила, нормалното функционирање на сообраќајот и функционирањето на многубројните дејности. Сакаме да истакнеме дека како производител сме спремни да ги задоволиме потребите на граѓаните со регистерски таблички во секое време како квалитативно така и квантитативно.
Раде Кончар – Контактори и Релеи ги презема сите законски мерки да ги заштити своите права. За состојбата се известени надлежните државни органи од коишто чекаме одговор, и се надеваме дека истите ќе постапат во согласност со своите законски овластувања и ќе ги сопрат сторените неправилности.
И покрај недостаток на регистарски таблички повеќе од 5 месеци во земјата, не гледаме никаква реакција од надлежните институции и изненадени сме од небрежноста на релевантните фактори“.
Денеска се огласи и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој изјави дека нема никаков проблем со регистарските таблици.
„Регистарските таблички пристигнуваат во континуитет и граѓаните врз основа на потребите може да си бараат и да ги подигнуваат. Имавме проблем од аспект на јавните набавки, такви се законските прописи, но тој проблем е надминат и стигнуваат на дневна основа регистарски таблици“, вели Спасовски.