Претседателот на Русија, Владимир Путин, дал интервју за американската ТВ станица “CNBC” во кое зборувал на бројни теми, меѓу другото и за тоа дали ќе се кандидира на следните претседателски избори и за потенцијалниот наследник, новите блокови кои се создаваат во светот, но и зошто мисли дека Америка прави грешка кон својата валута.
За иднината на доларот
Ако американските власти продолжат да го користат доларот како средство за казнување, тогаш САД само ќе ја поткопаат довербата во својата валута, оценил рускиот претседател.
“Мислам дека САД прават голема грешка кога го користат доларот како санкциски инструмент”, рекол тој и додал дека Америка “на тој начин ја сече гранката на која седи бидејќи доларот има апсолутна конкурентна предност како универзална резервна светска валута, а тие тоа го злоупотребуваат во интерес на моменталните политички прилики и нанесуваат штета на сопствените економски интереси”, вели рускиот претседател.
Путин истакнал дека економијата во целиот свет зависи од тоа во каква состојба е американската економија и дека Русија е заинтересирана за тоа во Америка да нема никакви немири и судири.
“САД се најголема економија на светот, високо технолошка. Од тоа во каква состојба се наоѓа американската економија зависат економиите од целиот и во наш интерес е таму да нема немири, но тоа не зависи од нас”, рекол Путин.
Москва, како што рекол, внимателно следи што се случува, анализира и презема неопходни чекори за да ги осигури своите долгорочни интереси.
Додал и дека Русија не е заинтересирана во целост да се одвои од доларот како платежно средство.
“Засега ни одговараат трансакциите во долари кога станува збор за енергенти, пред се нафта”, истакнал Путин.
Криптовалутата може да биде средство за плаќање, но таа е нестабилна и да се плаќа за енергенти на тој начин е прерано, оценил Путин. Како што додал, криптовалутата нема обезбедување.
За наследникот
Запрашан за својот наследник, Путин потсетил дека Уставот му овозможува да се кандидира за претседател и на следните избори, но дека засега нема никакви одлуки на таа тема, а разговорите за тоа само ја дестабилизираат ситуацијата.
“Не сакам да одговарам на такви прашања, тоа е мојот традиционален одговор. До следните избори има доволно време. Разговорите на таа тема само ја дестабилизираат ситуацијата. Ситуацијата треба да биде мирна, стабилна, за сите органи на власт, сите државни структура да работат доверливо. Да, Уставот ми дозволува да се кандидирам, но засега нема никаква одлука во врска со тоа”, рекол тој.
Најважни прашања – поголеми приходи за граѓаните и демографија
Според зборовите на Путин, најважниот проблем и задачата на земјата е кревање на приходите на граѓаните.
“За да се постигне тоа мораме да обезбедиме побрзо темпо на развој на економијата и да ги промениме нејзините карактеристики. Тоа е задача на подолги патеки. Немаме намера да се служиме со популистички методи, туку главните социјални прашања да ги решаваме на база на квалитативен раст на економијата”, рекол рускиот претседател.
Втор најважен проблем е демографијата. За решавање на двете прашања потребна е сериозна економска основа.
За АУКУС: Таквите блокови ја поткопуваат регионалната стабилност
Неизоставно прашање било и тоа за новиот сојуз меѓу Велика Британија, Австралија и Америка (АУКУС), а рускиот претседател смета дека создавањето на таквите блокови ја поткопува регионалната стабилност.
“Создавање на некакви блокови, меѓу другото и тој што го споменавте, САД-Австралија-Велика Британија, безусловно ја поткопуваат регионалната стабилност, бидејќи, по мое мислење, да се соберете во тим е добро, но да се соберете против некого – тоа е лошо. Тоа ја поткопува стабилноста за која сите зборуваме и за која сите се грижиме”, рекол Путин.
Изразил надеж дека кога станува збор за АУКУС нема да има непредвидливи сценарија и дополнителни тензии во регионот.

За Навални
Едно од прашањата на американската новинарка се однесувало на опозиционерот Алексеј Навални, за чие труење, според тврдењето на Западот, е одговорна Русија.
Путин истакнал дека руските власти не планираат за никого да обезбедуваат ексклузивни услови, што се однесува и на оние кои “зад маската на бавење со политика го прекршиле законот”.
“Лицето кое го споменавте се наоѓа во затвор”, рекол Путин и додал дека постојат и други луѓе кои го прекршиле законот, но ексклузивни услови нема да има за никого.