Путин повторил дека ја обвинува украинската специјална служба за тоа што го нарекува „терористички напад“ на Кримскиот мост кој ја поврзува Русија со Крим.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера се обратил на седницата на меѓународниот форум „Russian Energy Week“.
Големото протекување на гас кое одненадеж избило на гасоводите Северен тек кои водат од Русија во Европа било „чин на меѓународен тероризам“ кој поставил опасен преседан, рекол Путин.
„Нема сомнеж дека тоа беше чин на меѓународен тероризам, со цел поткопување на енергетската безбедност на целиот континент. Сметката зад тоа беше прилично цинична, да се блокираат и уништат евтини извори на енергија и да се ускратат милиони луѓе и индустриски потрошувачи на гас, топлина, електрична енергија и други ресурси“, изјавил Путин.

„Тоа покажува дека секој дел од критичната транспортна енергетска или комуникациска инфраструктура е сега во опасност“, додал тој.
Путин продолжува да ја обвинува украинската специјална служба за тоа што го нарекува „терористички напад“ на Кримскиот мост кој ја поврзува Русија со Крим.
„Русија е подготвена да испорачува енергенти во Европа, вклучувајќи ги и овие есен и зима“, рекол Путин, јавува „РИА Новости“.

Според неговите зборови, тоа може да се направи преку „преживеаните“ линии на Северен тек.
„Русија е подготвена за почеток на овие испораки. Токата, како што се вели, е на страната на Европската унија. Ако сакаат, само нека ја отворат славината и тоа е тоа. Ние не ограничуваме никого во ништо, и подготвени сме да испорачуваме дополнителни количини во есенско-зимскиот период“, рекол Путин.
Според него, воспоставувањето на вештачки горни цени на нафтата од Русија неизбежно ќе ја влоши инвестициската клима во целиот светски енергетски сектор, а потоа ќе предизвика зголемување на глобалниот недостиг на енергетски ресурси и понатамошно зголемување на нивните цени. А тоа, сигурен е Путин, пред сè ќе ги погоди најсиромашните држави.
Руската енергетска недела се одржува во Москва од 12-ти до 14-ти октомври.