Во Авганистан се вратил блискиот советник на убиениот лидер на Ал Каеда Осама Бин Ладен. Амин ал Хак дошол во својот дом 20 години по завршување на војната, и тоа само неколку часа откако американските трупи ја завршиле евакуацијата од државата во рокот кој го задал претседателот Џо Бајден.
Амин ал Хак се вратил во понеделникот во авганистанската провинција Нангархар, само две недели откако талибанците ја завршиле брзата офанзива и ја заземале целата држава.
Ал Хак бил шеф на обезбедувањето на Бин Ладен кога овој престојувал во пештерскиот комплекс Тора Бора. Според “NBC”, двајцата заедно побегнале кога американските сили го нападнале комплексот. Лидерот на Ал Каеда бил убиен во Пакистан во 2011-та година. Деталите од пронаоѓањето на неговата локација и нападот биле изнесени неодамна. Ал Хак, инаку, бил главен снабдувач со оружје на терористичката организација Ал Каеда.
На снимката може да се забележи како Ал Хак на аеродромот минува низ контролниот пункт и низ помала група на луѓе. Во еден момент возилото сопира и тој подава рака низ прозорецот, а луѓето се собрале околу него. Се фотографирале со него, а еден човек го бакнал во раката, на што Ал Хак го погалил по глава.
Со автомобилот потоа продолжил понатаму, а бил следен од колона возила со вооружени борци, од кои некои вееле талибански знамиња.
Иако талибанците, во договорот од Доха во 2020-та година, кој го направил Доналд Трамп, ветиле дека нема да дозволат нивни членови и други групи – вклучувајќи ја и Ал Каеда – да го користат Авганистан како база за да се закануваат на САД и сојузниците (во замена за ослободување на 5.000 талибански затвореници, на снимката од враќањето на Ал Хак се гледа како милитантите го поздравуваат и го слават неговото доаѓање.
Пентагон одбил да ја коментира најновата снимка. Како што е кажано, Пентагон не коментира разузнавачки работи, додека портпаролот на Стејт Департментот исто така одбил да даде изјава.
Американското Министерство за финансии го ставило Ал Хак на својата листа на Посебно обележани глобални терористи во 2001-ва година. Исто така, тој е под санкции од Обединетите Нации и Велика Британија.