Копенхаген е најдобриот град на светот по квалитет на живот, покажува истражувањето на британскиот магазин „Монокл“.
Ова е четврти пат главниот град на Данска да се здобие со вакво признание од почетокот на истражувањето во 2007 година, пренесува агенцијата Ројтерс.

Помеѓу петте водечки градови по квалитет на живот се и Цирих, Хелсинки, Стокхолм и Токио, откако „Монокл“ го обнови рангирањето по едногодишната пауза поради пандемијата на Ковид-19.
„Копенхаген е еден од оние градови во кој постојат реални амбиции на сите да им се обезбеди подобар квалитет на живот“, изјавил главниот уредник на „Монокл“, Ендру Так.

„Амбициите за создавање на почисто опкружување се најдобри во класата и градот ги собира плодовите од повеќегодишните урбани инвестиции“, додава Так.
Во овогодишниот извештај биле анализирани градовите кои ги искористиле изминатите месеци „за подобро да се изградат, да ја одбранат својата економија и културната сцена, но и кои работеле на промоција на граѓанската гордост“, се наведува во истражувањето. Исто така голем акцент бил ставен и на граѓанското лидерство, политиката на станбено згрижување и програмите за поддршка на претприемачите.