Пристигнаа 149-те авганистански бегалци, бремена жена и маж пред колапс итно однесени во болница

Доцна синоќа, со авион од Кабул преку Тбилиси, Грузија пристигнаа најавените 149 авганистански бегалци. Неколку патници веднаш се транспортирани во болница, а меѓу нив имало и жена во крајот на бременоста. Ги пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој сепак нагласи дека Македонија дала согласност за да прими 750 бегалци. Според министерот станува збор за мажи, жени и претежно деца со кои, како што рече, сме соработувале и споделуваат наши вредности на кои не по своја вина им е загрозен животот. Ќе останеле во Македонија 90 дена.

-Солидарноста што ја најавувавме неколку дена денеска им ја даваме на оние на кои им е најпотребна. Пристигна првата група од 149 граѓани од Авганистан за кои државата изрази спремност да обезбеди привремено прибежиште. Тоа се луѓе кои се вработени во меѓународни организации и партнерски меѓународни организации со кои сме работеле ние и нашите сојузници во овие 20 години во Авганистан, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи по пречекот на авганистанските граѓани на аеродромот.

Реклама

Како и неколку пати премиерот така и синоќа министерот повтори дека трошоците за Ацганистанците ќе ги покријат американски и други меѓународни организации каде работат бегалците, нагласувајќи дека секако и Македонија ќе помогне ако е тоа неопходно. Колку пари сме подготвени да дадеме какао држава пак не кажа.

Раководителот на Итната помош Милица Бубало посочи дека Министерството за здравство заедно со сите здравствени установи ќе даде комплетна здравствена заштита на граѓаните од Авганистан во текот на престојот во нашата држава.

-На почетокот на сите граѓани кои се дојдени од Авганистан ќе им биде направен ПЦР тест и ќе биде проверен вакциналниот статус. Доколку изразат желба за со вакцина за КОВИД -19 ќе бидат вакцинирани. Доколку во текот на проверката со ПЦР тест имаме позитивни за нив ќе се спроведе 14-дневен карантин, рече Бубало.

Нагласи дека ќе биде спроведен комплетен преглед на децата и на возрасните од страна на педијатар и интернист специјалист и ќе се оцени здравствената состојба на граѓаните.

Реклама