Преживеале сами во џунгла 40 дена, а сега ги чека нова агонија: Роднините се борат на кого да му припаднат децата

Додека децата закрепнуваат во болница, агенцијата за заштита на деца ќе разговара со членовите на семејството за да одлучи кој треба да ја преземе грижата за нив откако нивната мајка загинала во падот на авионот на 1-ви мај.

Битката за старателството избила меѓу роднините на четирите деца староседелци во Колумбија, кои го преживеале падот на авионот и 40 дена во џунгла, додека таткото на две од нив е обвинет за насилство во семејството.

Google search engine

Децата, кои имаат од една до 13 години, во понеделникот и натаму биле во болница и се очекува таму да останат неколку дена. За тоа време агенцијата за заштита на деца ќе разговара со членовите на семејството за да одлучи кој би требало да ја преземе грижата за нив откако нивната мајка загинала во падот на авионот на 1-ви мај.

Астрид Касерес, шеф на колумбискиот институт за семејна благосостојба, во интервју за радио „BLU“ изјавила дека на децата им е доделена помошничка на барање на нивните баба и дедо по мајка, кои се борат за старателството со таткото на двете најмлади.

„Ќе разговараме, ќе истражиме, ќе дознаеме повеќе за ситуацијата. Најважна работа во овој момент е здравјето над децата“, рекла таа.

Дедото Нарсисо Мукутуј оваа недела го обвинил Мануел Раноке, татко на децата, за насилство над нивната мајка Магдалена Мукутуј. Тој им рекол на новинарите дека децата се криеле во шума кога избила расправија меѓу нив двајца.

Раноке признал дека имало проблеми дома, но кажал дека тоа е приватна работа.

На прашањето дали ја напаѓал својата сопруга, Раноке одговорил: „Вербално, некогаш, ја напаѓав. Физички, многу малку. Имавме повеќе вербални расправии“.

Раноке рекол дека не му е дозволено да ги види двете најстари деца, на кои не им е биолошки татко.

Магдалена и нејзините деца летале со „Cessna 206“ за Аракуру, во провинцијата Амазонас на 1-ви мај, кога пратиле повик за помош поради дефект на моторот.

Таа и двајцата пилоти загинале по падот на авионот. Нивните тела биле пронајдени на местото на падот, но децата преживеале и тргнале да лутаат во потрага за помош.

Исчезнатите деца станале фокус на голема спасувачка операција во која учествувале десетици војници и локални жители.

Повеќе од еден месец децата преживувале јадејќи брашно и семки од маниока, како и овошје кое го пронаоѓале во прашумата, а кое им било познато како припадници на домородната група Хуитото.

Спасувачите им влегле во траг на децата откако забележале знаци во џунглата, вклучувајќи отпечатоци од стапала и овошје кое било гризнато.

Членовите на заедницата се надевале дека нивното познавање на овошјето и вештините за преживување во џунгла ќе им дадат поголеми шанси да преживеат.

Децата конечно беа пронајдени во петокот и со хеликоптер префрлени во Богата и сместени во воена болница, каде им се пружа потребната помош.

Авионот е пронајден две недели по падот, заедно со телата на тројца возрасни. Меѓутоа, децата не биле таму. Тие на крајот се пронајдени на пет километри од местото на падот.