Руската војска го претстави новото заштитно одело од четврта генерација – ќе биде полесно за носење и опремено со сите потребни системи за извидништво и комуникација.
Русите го развија футуристичкиот оклоп од четврта генерација, способен да ги штити војниците од силни проектили од голем калибар, како што е американскиот “.50 BMG”. Тој куршум е во состојба на далечина од два километри да пробие заштита на полесно оклопно возило.
„Во идните војни, покрај авионите и тенковите, најважна е живата сила која го зазема теренот. Таа мора да биде заштитена. Тука се и заканите од тероризмот и постојаните светски кризи. Обуката на војникот не е повеќе евтина како некогаш кога се служеше воениот рок. Професионалниот војник мора да има добра плата и да биде добро обучен“, изјави Руслан Пуслов, воен аналитичар.
Тајната на овој заштитен оклоп е во напредните тајни материјали и полиетиленските влакна. Влакната го апсорбираат ударниот пулс на куршумите и така спречуваат фатални повреди на внатрешните органи.
„Ние овде во „Калашњиков“ правиме оружје за 4-та генерација на војници, а тоа оружје има целосно поинаков принцип на работа и ефикасност од досега видените средства со кои се војуваше“, изјави Димитри Тарашов од „Калашњиков“.
На развојот на ова заштитно одело работи токму концернот „Калашњиков“ во соработка со другите воено-истражувачки и научни институции во Русија. Крајната цел на овој проект е развој и производство на технолошки напредна воена опрема за периодот до 2035-та година.