Во текот на оваа година, Андерс Тегнел стана главна фигура во шведскиот пристап во борбата против коронавирусот. Некои тој пристап го критикуваа, додека пак имаше и многумина кои го поддржуваа.
Тегнел неодамна изјави дека мерките ќе останат присутни подолго време, а луѓето ограничувањата ќе ги чувствуваат се помалку и помалку затоа што во меѓувреме ќе се прилагодат на ситуацијата.
Во колумната објавена за “Dagens”, Тегнел го изнесе своето мислење околу тоа што може да не очекува во текот на идната година.
Според него, Шведска е многу погодена затоа што многумина вирусот го донеле во земјата од странство. Само во текот на февруари и март, приближно еден милион Швеѓани патувале во ризичните подрачја како што се Италија и Австрија.
„За кратко време имавме ширење низ заедницата. Тогаш се фокусиравме на намалување на ширењето на инфекцијата колку што е тоа возможно. Ова беше релативно успешно, освен во домовите за стари лица“, пишува Тегнел.
Најголемиот дел од речиси 8,300 лица кои починаа како последица на коронавирусот во Шведска се постари од 70 години, а навлегувањето на вирусот во домовите за стари лица според Тегнел се главната причина зошто Шведска има поголема стапка на смртност од соседните земји.
Според податоците на норвешки „НРК“, стапката на смртност во Шведска изнесува 817 на милион жители, што е многу повеќе од Норвешка каде бројката изнесува 77 починати на милион луѓе (вкупно 421 починати).
Тегнел меѓу другото, во колумната се осврна и на тоа што може светот да го очекува во текот на идната година.
„Многу прогнози се покажаа како неточни. Овој вирус продолжува да не изненадува. Поради тоа е тешко, речиси невозможно да се предвиди како ќе се развива ситуацијата во 2021-ва година“, вели Тегнел и додава дека Швеѓаните мора да научат да живеат со коронавирусот.
„Ковид-19 е тука за да остане. Многу воведени мерки веројатно ќе останат на сила и идната година“, изјави Тегнел.