Пожар во ковид болница во Романија, има загинати пациенти

Двајца пациенти загинале, а медицинска сестра била повредена во пожар во ковид болницата во Плоешти, во централниот дел на Романија.

Огнот, кој брзо бил изгасен, зафатил една соба, а 15 пациенти кои се лечеле во крилото на болницата загрозено од пожарот биле преместени во друга болница, пренесува “Reuters”.

Google search engine

Ова не е прв пожар со смртен исход во романските болници оваа година, откако во октомври седум лица загинале во единицата за интензивна нега во болница во Констанца на истокот на земјата, додека во февруари во Букурешт загинале четири пациенти. Во ноември минатата година 10 лица загинале во пожар на интензивна нега во болница во градот Пјатра Нјамц.

Властите од тогаш почнале редовни проверки на доводот на кислород и противпожарни дозволи во болниците. Дури и пред пандемијата, Романија имала една од најслабо развиените болнички инфраструктури во Европската унија. Државата изградила само една болница во последните три децении, има најмал буџет за здравствена заштита во ЕУ и се бори со недостиг на доктори и медицински сестри.

Моментално во романските болници се лечат повеќе од 17.400 ковид пациенти, од кои 1.823 се на интензивна нега.