Kaко што пишуваат српските медиуми, во инцидент што се случи вчера во преградието на Чикаго, Бур Риџ во кој е убиен Србинот Никола Мишовиќ (30), повредена е и една 31-годишна девојка која по потекло е од Скопје.
Убиецот Џереми Спејсер (31) од Арканзас кој бил вработен како возач во фирмата „Winners Freight LLC“, чиј сопственик бил убиениот Никола Мишовиќ пукал во него, а потоа продолжил во друга компанија „Force” која се наоѓала во истиот објект, а на кој сопственик е Македонец. Тој претходно бил отпуштен од компанијата и сакал да се одмазди.
31-годишната застрелана девојка е Ана Бранковиќ Јовановиќ, која пред неколку години заминала да работи во Соединетите Американски Држави, поточно во Чикаго.

Американските медиуми немаат многу детали за убиството во Чикаго, а за девојката објавија дека не знаат точно во каква здравствена состојба е, туку само информираа дека е пренесена на лекување во болница и дека не е критично повредена.
На социјалните мрежи се појави апел за донации во кој, како што пишува, девојката била жртва на вооружен напад на работно место од страна на вработен и повредена е на три места.
„Погодена е на три места, во рамо, колк и во нога. Досега успешно ѝ се направени две операции и следува подолг период на рехабилитации и оздравување. Ни треба вашата помош за да можеме ги подмириме болничките трошоци. Ви благодариме“, стои во повикот за донации.