Попис 2021: Скопскиот регион со најмногу жители и најгусто населен, но кој регион загубил најмногу од населението

Скопскиот регион е единствен од сите осум статистички региони во државата каде во последните 20 години има раст на бројот на жители, домаќинства и станови. Во него живеат 33,04 проценти од вкупното резидентно население во земјава и е најгусто населен со 334,99 жители на километар квадратен.

Вардарскиот регион е единствен каде што има намалување и на населението, но и на домаќинствата и становите. Има загубено 10,23 проценти од населението и е најретко населен регион со 34,3 жители на метар квадратен.

Реклама

Процентуално најголем пад во бројот на население имаат Југозападниот регион – 19,93% и Источниот регион – 17,39%. Интересно е дека, иако бројот на жители во последните 20 години и во двата статистички региони е намален, бројот на станови бележи раст од 26,09% и 14,32%.

Полошкиот регион, иако за 20 години има загубено најголем број на население во апсолутни бројки – 52 573, е втор најгусто населен регион со 104,1 жител на квадратен километар.

Пелагонискиот регион, кој територијално е најголем од сите статистички региони, за 20 години загубил 11,63 проценти или по 5,8 жители на квадратен километар и е трет по вкупниот број на жители со 210 431.

Југоисточниот регион за 20 години има загубено 13,43 проценти од жителите, додека Североисточниот регион 11,46 проценти или по 8,4 и по 8,5 жители на квадратен километар.

Според податоците од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 – вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица.

Скопски регион

Во Скопскиот регион живеат најголем број жители – 607 007 или 33,04 проценти од вкупното резидентно население, иако е најмал по површина и опфаќа само 1 812 квадратни километри или 7,3 отсто од територијата на државата. Ова е и најгусто населен регион со 334,99 жители на квадратен километар.

Ова е единствен од сите осум региони каде е зголемен бројот на жители за 28 863, што е по 15,9 жители на квадратен километар или 4,99 проценти во однос на 2002 година. И во 2002 година регионот бил на прво место по бројот на жители со 28,51 отсто од вкупното население.

Во последните 20 години, заедно со растот на населението, има и раст на домаќинствата – 29 204 или 15,14% и раст на становите – 54 858 или 22,55%.

Процентуално најголем раст имаат Студеничани – 27,39%, Шуто Оризари – 23,68%, Сопиште – 18,69% и Петровец – 10,84%, а потоа следат Илинден – 9,70%, Арачиново – 9,30%, Сарај – 8,45%, Чучер-Сандево – 8,32%, Кисела Вода – 8,26%, Аеродром – 7,95%, Ѓорче Петров – 7,71%, Карпош – 6,86% и Бутел – 1,60%.

Во апсолутни бројки најголем раст има Аеродром – 5 726, што е по 262 жители на метар квадратен. Истовремено, бројот на домаќинства е зголемен за 6 400 или 22,94 %, а бројот на станови за 11 583 или 32,78%.

Пад на населението имаат Зелениково – 17,67%, Гази Баба – 4,12%, Чаир – 3,45% и Центар – 3,24%.

Интересно е што Гази Баба и Центар, иако загубиле по 2 991 и 2 237 жители, во последните 20 години го зголемиле бројот на домаќинства и станови. Во Гази Баба бројот на домаќинства е зголемен за 2 173 или 9,65%, а на станови за 3 738 или 14,05%, додека во Центар бројот на домаќинства е зголемен за 1 712 или 10,04%, а на станови 8 217 или 30,37%.

Вардарски регион

Во Вардарскиот регион живеат 138.722 луѓе или 7,55 проценти од вкупното резидентно население, а се простира на 4 042 километри квадратни или 16,2 проценти од територијата на државата. Ова е најслабо населен регион, иако е втор по територија. Со густина од 34,3 жители на метар квадратен е најретко населен од сите статистички региони во земјава.

Во споредба со 2002 година, регионот има загубено 10,23 проценти од населението, што е по 3,9 жители на метар квадратен или 15 813 жители. И во 2002 година регионот бил на последното осмо место со 7,64 отсто од вкупното население.

Раст на населението има само во Чашка – 269 жители, што е 3,51%, додека во сите останати има пад на бројот на население и тоа – Лозово – 20,78%, Свети Николе – 17,18%, Демир Капија – 16,9%, Градско – 14,02%, Велес – 12,06%, Росоман – 8,33%, Кавадарци – 7,76% и Неготино – 5,30%.

Во апсолутни бројки најмногу жители во последните 20 години има загубено Велес – 6 645, што е по 14,54 жители на метар квадратен или 12,06% од населението. Во исто време и бројот на домаќинства е намален за 393 или 2,37%, а бројот на станови за 2 087 или 11,2%.

Кавадарци за 20 години има загубено 3 008 жители, што е по тројца жители на километар квадратен или 7,76%, додека бројот на домаќинства бележи раст од 2,82%, а бројот на станови пад од 9,43%.

Ова е единствениот регион каде во последните 20 години има намалување на населението – 10,23%, домаќинствата – 1,45% и становите – 3,83%.

Источен регион

Источниот регион се протега на 3 537 квадратни километри и зафаќа 14,2 проценти од вкупната територијата на државата и е трет по големина, додека со 150 234 жители или 8,17 проценти од вкупното резидентно население е на шесто место по бројот на население. Според густината на населеност е на претпоследно место со 42,47 жители на квадратен километар.

Во споредба со 2002 година регионот има загубено 31 624 жители, што е по 8,94 жители на километар квадратен или 17,39 проценти од населението. Во 2002 година регионот бил на петто место со 8,99 отсто од населението.

Пад на населението има во сите 11 општини. Процентуално најмногу во Зрновци – 36,09%, Пехчево – 27,8%, Виница – 27,4%, Чешиново-Облешево – 26,96%, Делчево – 22,39%, Берово – 21,89%, Македонска Каменица – 20,60%, Пробиштип – 17,14%, Кочани – 17,04%, Карбинци – 14,76% и Штип – 6,13%.

Во апсолутни бројки најмногу жители во последните 20 години имаат загубено Кочани – 6 490 и Виница 5 463.

Интересно е дека иако Кочани има загубено по 18 жители на квадратен километар, бројот на домаќинства е зголемен за 0,21%, а на станови за 21,61%.

Виница во истиот период има загубено по 12,62 жители на километар квадратен, бројот на домаќинства е намален за 24,60%, а на станови е зголемен за 9,01%.

Штип за 20 години има загубено 2930 жители, додека бројот на домаќинства е зголемен 1 630 или 9,76%, а на станови за 4 320 или 19,21%.

Бројот на жители во регионот во последните години е намален за 31 626, исто како и бројката на домаќинства – 2 115 или минус 3,79 проценти. Сепак, во истиот период бројот на станови е зголемен за 12 076 или 14,32%.

Југозападен регион

Југозападниот регион се протега на 3 340 квадратни километри и зафаќа 13,4 проценти од вкупната територија. Во него живеат 177 398 луѓе или 9,65 проценти од вкупното резидентно население. Се наоѓа на четврто место и по територија и по бројот на население. Со 53,1 жител на квадратен километар е на петто место според густината на населението.

Во споредба со 2002 година регионот има загубено 44 153 жители, што е по 13,2 жители на квадратен километар или 19,93 проценти. Во 2002 регионот бил на четврто место со 10,95 отсто од населението.

Пад на населението има во сите девет општини. Процентуално најголем пад има во Центар Жупа – 42,94% и Дебрца – 32,47% , додека во апсолутни бројки во Кичево кој за 20 години има загубено 17 070 жители или 30,09%.

Интересно е дека, иако за 20 години во Кичево бројот на население е намален за 30,09 %, бројот на домаќинства е зголемен за 39,58%, а бројот на станови за 58,59%. (з.а. со територијалната прераспределба од 2013 година кон општина Кичево се приклучија и општините Зајас, Другово, Вранештица и Осломеј.)

Охрид за 20 години има загубено 4 321 жител или по 11,08 жители на километар квадратен, но во исто време, бројот на домаќинства е зголемен за 12,83%, а на станови за 15,52%.

Ист е случајот и со Струга, која има загубено 12 396 жители или по 25,6 жители на километар квадратен, додека бројот на домаќинства е зголемен за 0,83%, а на станови за 16,91%.

За 20 години Дебар има пад на населението од 21,13%, Струга – 19,56%, Македонски Брод – 17,53%, Охрид – 7,75%, Пласница – 7,11% и најмалку во Вевчани – 3,04%.

Додека бројот на жители во регионот за 20 години е намален за 19,93 проценти, во исто време, бројот на домаќинства е зголемен за 12,53% и на станови за 26,09% .

Југоисточен регион

Југоисточниот регион се протега на 2 739 квадратни километри или 10,9 проценти од територијата на државата, а во него живеат 148 387 луѓе или 8,07 отсто од вкупното резидентно население. Тој е петти по територија, а се наоѓа на претпоследно, седмо место по бројот на население. Со 54,1 жител на квадратен километар е на четврто место по густина на население.

Во споредба со 2002 година регионот има загубено 23 029 жители, што е по 8,4 жители на квадратен километар или 13,43 проценти. Во 2002 регионот, исто така, бил на седмо место со 8,47 отсто од вкупното население во државата.

Пад на населението има во сите десет општини. Најмногу во Ново Село – 39,73%, Конче – 22,94%, Босилово – 19,30%, Богданци – 15,71%, Радовиш – 14,59%, Василево – 12,95%, Валандово – 11,62%, Дојран – 9,98%, Струмица – 8,56% и Гевгелија – 6,12%.

Во апсолутни бројки, најмногу жители за 20 години има загубено Струмица – 4 681 или по 14,5 жители на квадратен километар. Додека населението се намалувало, бројот на домаќинства за 20 години е зголемен за 8,64 проценти, а бројот на станови за 24,97 проценти.

Ново Село за 20 години има загубено 4 595 жители и 332 домаќинства, но сепак бројот на станови е зголемен за 2 100 или 33,56%. Тоа значи дека во регионот, иако процентуално најмногу се иселувале од Ново Село – 39,73%, тука и се градело најмногу – раст од 33,56%.

За 20 години, иако бројот на жители во регионот е намален, бројот на домаќинства има раст од 5,39%, а бројот на станови за 20,23%.

Пелагониски регион

Пелагонискиот регион е најголем територијално и опфаќа 4 717 квадратни километри или 18,9 проценти од површината на државата. Во него живеат 210 431 жител или 11,45 проценти од вкупното резидентно население. Тој е трет по бројот на население, а со 44,6 жители на квадратен километар, е на шесто место по густина на население.

Во споредба со 2002 година регионот има загубено 27 705 жители, што е 11,63 проценти или по 5,8 жители на квадратен километар. Во 2002 регионот, исто така, бил на трето место со 11,77 отсто од вкупното население.

Пад на населението има во сите девет општини во регионот. Процентуално најмногу во Новаци – 25,39% и Демир Хисар – 23,55%, но во апсолутни бројки од двата најголеми градови во регионот Битола и Прилеп, кои за 20 години имаат загубено по 10 и седум илјади жители или по 10 проценти од населението.

Битола за 20 години има загубено 10 221 жител, што е 10,72% или по 12,9 жители на квадратен километар. Интересно е што и додека бројот на жители се намалува, бројот на домаќинства има раст од 4,02%, а бројот на станови за 14,86%.

Прилеп, споредно со 2002 година има загубено 7 743 жители, што е 10,09% или по 6,48 жители на метар квадратен. Исто како и Битола, додека бројот на население се намалува, бројот на домаќинства бележи раст од 0,85%, а на станови за 10,30%.

Могила има пад од 21,27%, Кривогаштани – 15,98%, Ресен – 14,57%, Крушево – 13,41% и Долнени, каде има најмал пад на населението – 3,26%.

Додека регионот за 20 години има загубено 11,63 проценти од населението, бројот на домаќинства е зголемен за 1 494 или 2,06%, а бројот на станови за 16 164 или 15,02 проценти.

Полошки регион

Полошкиот регион се простира на 2 416 квадратни километри или 9,7 проценти од вкупната територија на државата и во него живеат 251 552 луѓе или 13.69 проценти од вкупното резидентно население во државата. Тој е втор по број на жители, а шести по територија. Со 104,1 жител на квадратен километар, е втор по густина на население.

Во споредба со 2002 година регионот има загубено 52 573 жители, што е 17,29 проценти или во просек по 21,7 жители на квадратен километар. Во 2002 регионот, исто така, бил на второ место со 15,03 отсто од вкупното население.

Процентуално најголем пад во бројот на населението за 20 години има во Маврово и Ростуше – 41,49%, но најмногу во апсолутни бројки има во Гостивар – 21 272 жители, што е пад од 26,25 % или по 41,4 жители на квадратен километар.

Намалување на населението има и во останатите седум општини во овој регион и тоа Желино – 22,15%, Врапчиште – 21,88%, Теарце – 21,20%, Боговиње – 21,01%, Јегуновце – 17,56%, Брвеница – 13,94% и Тетово – 2,09%.

Интересно е што Гостивар, кој за 20 години иако има загубено 21 272 жители, во исто време бележи раст на бројот на домаќинства за 1 963 или 9,79%, а бројот на станови за 7 606 или 27,22 проценти, што значи дека во регионот иако од Гостивар најмногу се иселувале, таму и најмногу се градело.

Најголем број од населението во регионот живеат во Тетово – 84 770. Тетово има најмал пад на населението во регионот од 2,09%, додека бројот на домаќинства бележи раст од 15,74%, а на станови за 25,11%.

И додека за 20 години бројот на жители во регионот е намален за 17,29%, вкупниот број на домаќинства е зголемен за 4,5 проценти, а бројот на станови за 21,96 отсто.

Североисточен регион

Североисточниот регион е еден од најмалите со 2 310 километри квадратни и опфаќа 9,3 проценти од вкупната територија на државата. Во него живеат 152 982 жители или 8,54 проценти од вкупното резидентно население. Според бројот на населението е петти по големина, а седми по територија. Со 66,2 луѓе на квадратен километар е трет по густина на население.

Во споредба со 2002 година регионот има загубено 19 805 жители или 11,46 проценти. Во 2002 регионот, бил на шесто место со 8,54 отсто од населението и густина од 74,7 луѓе на квадратен километар.

За 20 години регионот има загубено по 8,5 жители на квадратен километар. Намалување на населението има во сите шест општини.

Процентуално најголем пад има во Кратово – 27,74% и Старо Нагоричане – 27,67%, потоа е Липково – 17,55%, Ранковце – 16,39% и Крива Паланка – 13,26%.

Најмал пад на населението има во Куманово, каде живеат две третини од вкупното население во регионот – 98 104. Тоа е пад од 7 % во однос на бројот на жители во 2002 година или по 14,5 жители на квадратен километар.

Интересно е што, наспроти намалувањето на вкупниот број на резидентно население, бројот на домаќинства бележи раст од 8,1 проценти во однос на 2002 година, исто како и бројот на станови, кој што има раст од 12,27 проценти.

Куманово за 20 години има загубено 7 380 жители, но бројот на домаќинства се зголемил за 2 466, а на станови за 4 679.

Додека бројот на жители за 20 години е намален, бројот на домаќинства во регионот е зголемен за 4,35 проценти, а бројот на станови за 13,26 отсто.

Реклама