Кога залутаниот проектил минатата седмица падна во полскиот пограничен град и убил две лица, некои европски лидери се загрижија за тоа како полската десничарска влада ќе реагира и за тоа колкава е можноста Русија да го наредила нападот.
Долгогодишната недоверба на Полска кон сè што е руско и длабоката антипатија на сегашната влада кон Москва предизвикале загриженост од Брисел до Берлин дека Варшава би можела да направи нешто непромислено.
Меѓутоа, наместо да ги изгуби нервите, Варшава беше стоична, ставајќи ги своите сили во состојба на приправност, истовремено држејќи го својот барут сув сè додека не станало јасно што се случило, анализира „Politico“.
Заклучокот е, имено, дека тоа било проектил на противвоздушната одбрана кој го лансирала Украина за да се заштити од руски напад. Таа смиреност настанала од едноставната реалност која со години ја знае поголемиот дел од Европа: Дека Полска има без конкуренција најдобра европска војска.

И само ќе зајакнува. Полската параноја во врска со Русија ја поттикнала да го избегне преовладувачкото уверување на поголемиот дел од европските држави дека конвенционалното војување е прашање на минатото. Наместо тоа, тие градат нешто што сега е на пат да стане најмоќна копнена сила на ЕУ.
„Полската војска мора да биде толку моќна за да не мора да се бори само поради својата сила“, рекол премиерот Матеуш Моравјецки пред Денот на независноста на Полска. Тоа е промената која одекнала меѓу сојузниците на Полска.
„Полска стана наш најважен партнер во континентална Европа“, изјавил висок службеник на американската војска во Европа, наведувајќи ја клучната улога која Полска ја одиграла во поддршката на Украина и во зајакнувањето на одбраната на НАТО на Балтикот.

Додека Германија, традиционално клучен американски сојузник во регионот, останува ’рбет како логистички центар, бескрајната расправа во Берлин за тоа како да ја воскреснат својата војска и недостигот на стратешка култура попречиле на неговата ефикасност како партнер.
Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак ветил во јули дека неговата земја ќе има најмоќни копнени сили во Европа. И на добар пат. Полска веќе има повеќе тенкови и хаубици од Германија и на пат е да има многу поголема војска, со цел до 300.000 војници до 2035-та година, во споредба со моменталните германски 170.000.

Полската војска денес брои околу 150.000 припадници, од кои 30.000 им припаѓаат на новите сили за територијална одбрана основани во 2017-та година. Тоа се викенд војници кои минуваат 16-дневна обука.
На почетокот на нив се гледало како на шега, но украинскиот успех во користењето на мобилната милиција опремена со противтенковски и противвоздушни проектили сега ја прави идејата многу поразумна. „Денес тие сомнежи исчезнаа“, рекол Блашчак.