Средношколец, матурант од скопската гимназија „Георги Димитров“ завчера починал неофицијално како последица на дрога ставена во пијалак во кафуле.
Вчера на градските гробишта во Бутел, неговите другари и соученици го испратиле Јован во своето вечно почивалиште, а веста за починатиот матурант на социјалните мрежи ја објави професорката Виолета Ачкоска. Во коментари под објавата се огласи и мајката на Јован која ја потврди смртта на младиот тинејџер.
Професорката Ачкоска во нејзината објава тврди дека има неколку слични смртни случаи на деца, ученици, на кои наводно им била ставена дрога во кафуле.
„Дали некој знае дека денес се погребува гимназијалец отруен од дрога ставена во пијалок во кафич. Дали некој знае уште за неколку слични случаи на деца, кои по халуцинација се фрлаат од 5-ти спрат и слични самоубиства. Можеби некој знае, но не оваа јавност која се’ уште е „траурна“ од смртта на малата Тамара, нека почива меѓу ангелите“, напиша професорката на социјалните мрежи.
Сузана Тренчевска, мајката на Јован во еден од коментарите ја потврди информацијата за смртта, но не наведе дополнителни детали за причината.

„Детето е Јован, мојот син, мојот ангел, момче кое беше прекрасен син. Нажалост, јас како мајка не успеав да му се најдам тогаш кога најмногу сум му била потребна. Да се биде родител во оваа „држава“ е многу тешко без поддршка од „институциите“. „Институциите“ сигурно ќе го затворат случајот како самоубиство, така е најлесно. Моја вина е што тоа го дозволив, што останав тука да ги растам и воспитувам моите деца. За каде? За во Бутел“, пишува мајката на Јован.
Сè уште се чекаат повеќе детали од Министерството за внатрешни работи за трагичниот случај. Тие треба да дадат информации за тоа дали смртта настапила како последица од консумирање дрога.