Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска имаше средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, по која изјави дека Бугарија има три јасна барања по прашањето со Македонија.
Зборувајќи за обвинувањата од партијата „Има таков народ“ која вчера ја напушти бугарската влада, дека Петков води посебна надворешна политика и сака да го тргне ветото, бугарскиот премиер изјави дека тоа се лажни наводи.
„Сакам да разјаснам дека Бугарија има три јасни барања за напредок на тема Македонија“, изјави Кирил Петков.
Тој како прво барање го наведе почитувањето на рамковната позиција на Бугарија усвоена во парламентот.
Второто барање е да се вклучат Бугарите во Уставот на Македонија за да може да се заштитат нивните права, а третото е спроведување на Договорот за добрососедство.
„Ова се условите и порано и сега, и работиме заедно за да видиме дали ЕУ може да ги гарантира овие три услови“, додаде Петков.
Вархеји пак, кажа дека само една држава ги кочи преговорите, а тоа е Бугарија.
„Не можеме да го продолжиме процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ без тоа да го одобрат сите земји членки. Сè уште чекам поддршка од една земја, а тоа е Бугарија и на тоа работиме со сите овие средби и разговори што ви водев овде и во Скопје“, изјави еврокомесарот.