Пеплосани болнички кревети, поцрнeти ѕидови, уништени бараки, оштетени автомобили. Ваква е сликата утрово на местото на трагичниот настан во модуларната болница во Тетово кој се случи синоќа.
„ТВ21“ пренесува дека таму биле присутни лица кои вршат увид на местото на несреќата и ги бараат причините за пожарот, а јавни обвинители ги сослушуваат вработените во модуларната болница.
„За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Инаку, ковид центарот во Тетово беше тема во медиумите уште во месец април кога економскиот директор на Клиничката болница во Тетово, Артан Етеми, изнесе одредени забелешки непосредно по примопредавањето на објектот.
„Забелешките се однесуваат на подот и уште неколку мали инфраструктурни грешки. Даден е рок за пет дена да се санираат грешките при изградба на модуларната болница. Струја и вода има. За системот за кислород сме во контакт со фирмата од каде што ни рекоа дека за два-три дена може да се постави. Системот е дојден до Инфективно и може да се поврзе. Ако не излезат други проблеми, наредна недела се надеваме дека ќе се пушти во употреба“, изјави тогаш директорот Етеми.




Фото/Видео: „ТВ21“