Роберт Дауни Џуниор објави документарен филм за своето детство во текот на кое неговиот татко му давал дрога и алкохол, што го обележало за цел живот.
Најплатениот актер на светот открил каков однос имал со татко му Роберт Дауни Постариот и како изгледало неговото растење.
Роберт Дауни Постариот бил режисер и снимил повеќе филмови кои никогаш не доживеале комерцијален успех. Таткото на еден од најпопуларните акциони јунаци на денешницата се занимавал со „чудни“ теми во своите филмови и никако не сфаќал зошто околината не го разбира.
Не заработувал добро и дури снимил филм за возрасни за да може да ги плати трошоците на породувањето на сопругата. Се борел со зависноста од дрога, но во нивната куќа било „сосема нормално“ да им се нудат опијати на деца, открил актерот.
„Имав 6 години кога седев и гледав како татко ми игра покер со пријателите. Пиев чаша бело вино. Татко ми ме виде како пијам и ми понуди џоинт. Ми рече: ‘Пробај го ова наместо алкохол’“, раскажал Дауни Џуниор во документарецот.
Славниот актер повеќепати имал проблеми со законот поради зависноста од дрога и на судијата во 1999 година му рекол дека е зависник бидејќи татко му го „навлекол“ на недозволени супстанци уште додека бил дете.
„Не можам без хероин и кокаин, се чувствувам како да имам сачмарка во устата, прст на чкрапалото и уживам во вкусот на металот“, рекол тој.

Роберт Дауни Постариот почина во јули минатата година од Паркинсонова болест. Во филмот повеќепати го замолил синот да не зборуваат „баш за сите“ детали од неговото растење, иако биле многу блиски и тој му ги простил страшните настани од детството. Во едно од прикажаните интервјуа од 90-те, таткото на актерот изјавил дека дури со текот на годините сфатил дека Роберт Дауни Џуниор имал многу проблематично детство.
„Ние сметавме дека е лицемерно да не дозволиме децата да пробаат сѐ што ние земавме. Сега сфаќам колку тоа беше идиотски. Среќен сум што мојот син е тука, бидејќи се грижев дека нема да остане жив“, рекол таткото.

Роберт Дауни Постариот ја оставил дрогата кога најпрвин го погодила голема љубов, а набрзо и трагедија. Се оженил со Лора Ернст во 1991 година, но набрзо ѝ било откриено заболување на моторните неврони. Починала 3 години подоцна.
Во текот на 90-те, неговиот син бил апсен повеќепати поради дрога, поседување оружје, а се памети инцидентот кога под дејство на опијати провалил во куќата на соседите и легнал гол во креветот на нивниот 11-годишен син. Се обидувал да се излекува, бегал од институции, повеќепати бил во затвор, полицијата го наоѓала како бос лута на улица… Конечно во 1999 година бил осуден на 3 години затвор, но бил пуштен по само 1 година.

Роберт Дауни Џуниор ја запознал Сузан Левин во 2003 година која му рекла дека нема да се омажи за него ако не стави крај на зависностите.
Актерот започнал да посетува терапија, завршил програма за одвикнување од 12 чекори, започнал да се занимава со медитација и боречки вештини како кунг фу и конечно се изборил со демоните. Денес гордо признава дека најмоќниот стимуланс кој го зема е кафе.