Ана Павловска Данева, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и поранешен пратеник од СДСМ, во дневникот на „Сител“ рече дека подзаконскиот акт со кој Владата овозможи да продолжи изработката на нови лични карти засега е важечки, но како што вели таа, не е уставен.
„Во овој случај со новите лични карти, Уставот не дава правна основа за подзаконски акт. Образецот донесен во вид на подзаконски акт за издавање на овие лични карти е донесен врз основа на Законот за јазици. Правната основа е изнајдена и креативноста на службите во МВР дојде до израз“, вели професорката Ана Павловска Данева.
Професорката тврди дека легитимно е да важи во делот на тоа дека треба да се испише новото уставно име на личните документи, но не може со подзаконскиот акт да се признае барањето на коалицискиот партнер „Беса“ за етничка графа што е предвидена со одложено дејство од следната година.
„Подзаконскиот акт ќе важи но не е уставен. Блокирањето на законот од „Левица“ со амандмани, не е заради уставното име, туку таа го блокира законот за лични карти заради амандманот на Беса. Тоа е неуставно, недозволиво, спротивно од Европската конвенција за човекови права“, рече Павловска Данева.