Пауновски: Бектеши лаже, за квалитетот на горивата се алармирало уште пред две години

Поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски на својот „Фејсбук“ профил се огласи и ги окарактеризира како невистини тврдењата на министерот за економија Крешник Бектеши дека ДПИ имале акредитирана лабораторија, но не ја користеле.

Министерот Бектеши во врска со увезувањето на опасен мазут во земјава изјави дека Пазарниот инспекторат ја користел државната мобилна лабораторија само еднаш во последните две години.

Google search engine

„Согласно последните законски измени инспекторатите во државата се подредени и одговараат пред Инспекцискиот совет и пред Владата, но не и пред Министерството за економија. Како Министерство пред две години набавивме независна мобилна лабораторија која е во сопственост на Бирото за метрологија на државата. Директорот на Државниот пазарен инспекторат до овој момент ја користел само еднаш во последните две години. Јас не би сакал да го користам зборот дека во тоа истражување директорот лажел, но кажал многу невистини имајќи во предвид дека токму ова мобилна лабораторија можело да се користи да се направат такви проверки, а тој ниеднаш ниту се обратил во Министерство за економија, ни во Бирото за метрологија, не ни ја известил Владата ако имал такви сознанија“, рече Крешник Бектеши во одговор на прашање зошто како надлежен министер немал сознанија дека во земјава се увезува опасен мазут.

Нагласи дека Министерство за економија немале такви сознанија и додаде дека Пазарниот инспекторат не ја користел државната мобилна лабораторија и продолжил да ги користи приватните лаборатории.

„Не е вистина дека единствен критериум за увоз на мазут е нивото на сулфурот. Во правилникот за квалитетот на течните горива во втората одредба е наведено дека треба и други карактеристики да се исполнуваат согласно стандардот МК Б.Х.430 и таму е и нивото на пепел, и нивото на количината и слично. Тие контроли требало да ги направи Пазарниот инспекторат. Ги повикувам новинарите и надлежните институции да направат проверка на начинот како се правеле таквите контроли од страна на Пазарниот инспекторат и другите институции, вклучувајќи ја тука и Царинската управа“, рече Бектеши и нагласи дека Министерството се погрижило да им обезбеди алатки за тие да спроведат контроли согласно сите стандарди, пренесува МИА.

На ова му одговори Пауновски кој порача дека иако лабораторијата била набавена во 2019-та година, таа никогаш на ДПИ не им била дадена на користење.

„Ги негирам изнесените невистини од страна на министерот за економија Крешник Бектеши дека иако сме имале акредитирана лабораторија, истата не сме ја користеле.

Вистината е дека таква лабораторија беше набавена во 2019 година од страна на Владата, а јас, премиерот Зоран Заев и министерот Крешник Бектеши истата ја промовиравме заедно во јавноста како проект кој ќе ни помогне да вршиме квалитетна и независна контрола на нафтените деривати. Тоа требаше да биде револуција бидејќи дотогаш (а и се уште), нафтената индустрија во земјава, иако претставува еден од најголемите загадувачи на животната средина, повеќе од една деценија е оставена сама да си го контролира квалитетот на горивата.

Лаборатијата никогаш не ни беше дадена и истата не е употребувана од наша страна, бидејќи министерот за економија не дозволи таа да биде под владение на Пазарниот инспекторат. За тоа, две години се води и спор помеѓу Инспекторатот и Бирото за метрологија, на кого и беше доделена лабораторијата“, напиша Стојко Пауновски на „Фејсбук“.

Токму за оваа проблематика, односно за квалитетот на горивата кои се користат од автомобилите, но и од домаќинствата и индустријата беше алармирано пред две години, меѓутоа институциите очигледно не го спречија увозот на опасно гориво во земјава.