ПАРНОТО ЌЕ НЕ ИЗГОРИ – БЕГ бара поскапување од 300 отсто, како ќе пресече Регулаторна?

Драматични вести доаѓаат за корисниците на парно греење во Скопје. Балкан Енерџи Груп бара цената на парното да се зголеми за 300 отсто веќе од први јануари следната година, дознава Фактор.

Во барањето кое го доставиле до Регулаторната комисија за енергетика тие наведуваат дека цената на гасот им е драстично зголемена, односно токму за 300 проценти, во однос на јули минатата година кога РКЕ ја донесе последната одлука за цената на топлинската енергија.

Google search engine

Колкаво зголемување ќе одобри РКЕ не е познато, но укажуваат дека земјава нема домашно производство на гас и тој се набавува единствено од увоз, а цената на светските берзи е драматична.

Официјално од Регулаторната комисија за енергетика велат дека колку точно ќе поскапи парното ќе се знае кога БЕГ ќе достават докази за тоа по која цена ќе го склучат договорот за набавка на гас за следниот период. Барањето на БЕГ сега им е вратено, а за зголемувањето ќе се одлучува кога ќе се достават бараните докази од страна на регулаторот.

Инаку, БЕГ има резервирано количини на гас само до крајот на годинава или нешто малку од почетокот на наредната година, а потоа ќе мора да набави нов количини кои ќе бидат по драстично повисоки цени.

Од Регулаторната комисија велат дека ова барање ќе се анализира во моментот кога БЕГ ќе достави доказ, односно договор за набавка на природен гас, во кој ќе биде дефинирана цената на природниот гас, што за РКЕ ќе биде показател дали бараниот процент е соодветен.

Но, она што е многу извесно е дека парното сигурно значително ќе поскапи, што се потврдува и од фактот што РКЕ ќе им сугерира на општините каде што има граѓани кои користат парно – парично да им помагаат на тие граѓани.

Доколку оваа драматична најава навистина се реализира, и цената на парното навистина се зголеми за 300 отсто, тоа би значело дека една сметка која сега изнесува 1.500 денари, би се искачила на 6.000 денари. Тоа е ценовен шок кој нема да си го дозволат многу од граѓаните и ќе се префрлат на струја, што, пак, ќе го оптовари тој систем. Затоа мора да се најде решение овој ценовен шок за корисниците на парно да не биде толку стравичен, па ќе се бара од општините финансиски да помагаат, а секако во тоа нема да се изземе од одговорност ниту Владата, која ќе мора да најде начин како да не „изгорат“ од ценовниот удар на парното овие граѓани.

Министерот за економија Крешник Бектеши пред само две недели изјави дека не е сигурен дали парното ќе мора да поскапи бидејќи, како што рече, цената на топлинската енергија зависи од цената на рускиот гас. Според него, веќе се почнати преговори со руски „Гаспром“ од страна на „Макпетрол“ кој е главен увозник на природен гас.

„Имајќи предвид дека ние имаме само еден влез, еден интерконектор со Бугарија каде што главно количествата се обезбедени од страна на Гаспром и во Република Бугарија и сме зависни во делот на цената што ќе ја понуди компанијата“, рече Бектеши.

Тој додаде дека цената на парното греење зависи од цената на природниот гас.

„Тоа не е проблем само на С Македонија, тоа е голем проблем и на ЕУ заради политиките кои ги прави Русија преку Гаспром. За тоа, нашата цел како Влада е да направиме диверзификација во делот на снабдување со природен гас. На почетокот на наредната година ќе почне со изградба новиот интерконектор со Република Грција и на таков начин да ја зголемиме конкурентноста и во овој дел на енергијата во нашата држава што нема да придонесе позитивно само во нашата држава, туку и во регионот, бидејќи ќе имаме повеќе можности за снабдување со природен гас“, рече Бектеши.

ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена обвини дека ќе поскапи и парното поради неспособната на власта да се справи со енергетската криза и побара одговорност од власта за ваквата состојба.Од партијата наведоат дека покрај повисоки сметки за струја граѓаните сега ќе се соочат и со поскапо парно.Оттаму додаваат и дека сето ова е поради неправилното менаџирање со енергетскиот сектор, а тоа доведува земјата секој ден да тоне во подлабока криза.