Микробиологот д-р Никола Пановски во емисијата „Само вистина“ изјави дека новите мерки кои ги предложи Комисијата за заразни болести не наликуваат на мерки за спречување на нов бран на коронавирус бидејќи оние кои ќе се вакцинираат, ќе стекнат имунитет дури во февруари.
„Јас би донел поинакви мерки веднаш и сега за да се спречи бранот. Ова сега личи на кампања за присилна вакцинација со ограничување на правата на граѓаните“, вели Пановски и посочи дека мерките за стекнување на имунитет не можат да ги делат граѓаните.
„Зошто само за вработени во јавни установи? Не може да се прават разлики за ова“, рече Пановски.
„Има човек кој 5 пати дарувал крвна плазма, има неколку илјади антитела и нема право на сертификат. Прашувам зошто се зема крвна плазма само од прележаните? Зошто и вакцинираните не даваат плазма?“.
Докторот истакна дека повеќе починале вакцинирани граѓани, отколку тие што го прележале опасниот Ковид 19.
„Колку починаа од прележаните – 8. Колку починаа од комплетно вакцинираните, кои нели имаат 5,5 повеќе пати антитела – околу 400. Разликата е таа. Имунитетот на вакцината трае 6 месеци, но исто и од прележувањето. Не викам да не се вакцинираат и ги повикувам тоа да го сторат. Но, не може да се ограничуваат прелeжаните. Ниту еден од тие што прелeжале не се заразиле повторно во првите шест месеци. Реткост е“, истакна д-р Пановски.