Поранешната „Златна копачка“, Дарко Панчев, непосредно пред натпреварот со Португалија даде интервју за германскиот „Frankfurter Allgemeine Zeitung“.
Во интервјуто, Панчев зборуваше за нов договор на селекторот Благоја Милевски, но и за придонесот на Горан Пандев во репрезентацијата, при што кажа дека Македонија со него изборила историски успех и Европското првенство, но исто така загубила од Андора.

„Придонесите на Горан Пандев за македонскиот фудбал се неспорни. Не треба да се заборави дека со неговиот гол во плејофот против Грузија отидовме на Европско првенство. Сепак, исто така загубивме од Андора со него во стартниот состав. Откако си замина тој, играчи како Елмас, Барди и Адеми можат уште повеќе да се развиваат, што е многу корисно за тимот“, вели Панчев.
На ваквиот коментар реагираше и поранешниот македонски капитен и фудбалер на Парма, кој за „Фокус“ изјави дека му е мака на „Кобрата“ што македонските репрезентативци заиграле на ЕП, но и во баражот за Мундијалот во Катар.

„Нема што да кажам. Се гледа дека на човекот му е многу мака што Македонија играше на Европското првенство и бараж за СП“, кратко изјавил Пандев и уште еднаш го пофалил настапот на нашите репрезентативци во изминатите два натпревари.
„Дечките изгинаа 180 минути и секоја чест за нив. Заслужија да одат на СП, но тоа ќе биде во следните години. Јас пред три години кажав дека оваа репрезентација е најдобрата во историјата на македонскиот фудбал“, додал тој.