Палеа куќи за да си запалат цигара: Вака Горбачов зборувал за распадот на СССР

Михаил Горбачов кој почина вчера на 92-годишна возраст, во историјата ќе остане запаметен како лидер на СССР од 1985 до 1991 година, кога таа огромна држава се распадна.

Како што претходно објавија медиумите, на Западот Горбачов многумина го гледале како херој, затоа што тој им дал слобода на државите на Источна Европа.

Google search engine

Меѓутоа, во неговата татковина многумина го сметале за лидер којшто ја изгубил империјата.

Горбачов пред неколку години дал интервју за британски „BBC“ во кое говорел за последните моменти на СССР.

„Тоа што се случи со СССР беше моја драма и драма за секој кој живееше во неа“, изјавил Горбачов тогаш.

На 21 декември 1991 година вечерните вести на државната руска телевизија започнале со драматични објави: „Добровечер. Ова се вести. СССР повеќе не постои…“.

Неколку денови претходно лидерите на Русија, Белорусија и Украина се состанале за да формираат Заедница на независни држави. Набрзо потоа уште осум советски републики одлучиле да им се придружат.

Заедно му се спротивставиле на Горбачов, лидерот којшто се борел да ја одржи републиката.

„Зад наш грб дојде до предавство. Зад мојот грб. Палеа цели куќи за да можат да си запалат цигара. Само за да добијат моќ. Не можеа да дојдат до неа на демократски пат. Затоа почнаа со злосторствата. Тоа беше државен удар“, изјавил во 2016 година Горбачов.

Горбачов на 25 декември поднел оставка на местото претседател на Советскиот Сојуз.

„Бевме на пат да започнеме граѓанска војна и сакав да го спречам тоа. Немирите во општеството и државите како што беше нашата, полна со оружје, би довеле до многубројни жртви и уништување. Не можев да го дозволам тоа само за да ја задржам моќта. Заминувањето од власта беше моја победа. Ме натажува тоа што луѓето не сфаќаат што сакав да постигнам и што навистина направив“, раскажал Горбачов.