Падот во рецесија е потврда за лошата состојба во стопанството!

Очекуван и неизненадувачки е резултатот кој го постигна македонската економија во третиот квартал од годинава. Ставот на бизнис заедницата е дека силниот удар од годинешната криза не може да донесе позитивни бројки во економските проекците. Експертите се на став дека владините политики и мерки го намалија негативниот биланс од претходните две тромесечија. Власта пак вели опоравување на економијата ќе има следната година. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ наместо живот донесе рецесија.

Последниот извештај на Државниот завод за статистика за Бруто Домашниот Производ е само потврда на секојдневните обвинувања од страна на бизнисмените дека состојбата со економијата е во критична фаза. Не само помалите компании туку и оние помоќните се соочуваат со финансиски потешкотии, вели за Денар Данела Арсовска претседателка на Сојузот на стопански комори. Според неа мора да се најде начин како да се реши проблемот наречен сива економија која јаде сериозен дел од колачот кој го создава стопанството.

Реклама

„Македонската економија во трите квартали годинава бележи пад од 5,7 отсто предизвикано од пандемијата која доведе до значително забавување на економијата, која е во голема мера зависна од трговијата и инвестициите од ЕУ. Малите и средни претпријатија, претежно од производствениот, услужниот и туристичкиот сектор се меѓу најпогодените, но подеднакво се во лоша состојба и останатите сектори, со исклучоци. Стапките на невработеност повторно се зголемија и состојбите на пазарот на трудот се влошуваат, тоа дополнително ќе ги усложни состојбите, а без конкретни финансиски и добро таргетирани мерки следи повторно тежок период. Проекциите се дека годинава ќе ја завршиме со пад на БДП од 4,9%, додека за следната година доколку нема некои посериозни движења и системски решенија проекциите за раст се околу 4% имајќи ја предвид споредбата со нотираниот стрмен пад годинава“, вели за Денар Данела Арсовска од ССК.

Од институтот за економски анализи Фајнанс Тинк излегоа со став дека  владината интервенција за ублажување на социо-економските ефект од Ковид-19, кој својот најголем интензитет го достигна во третиот квартал даде резултати. Очекувањата биле дека состојбата ќе биде за нешто подобра но удартот врз економијата е голем и ќе треба време да се опоравува.

„Врз основа на подобрите остварувања во третиот квартал и очекувањето за влошена активност во четвртиот квартал, во однос на проекциите од април 2020, Finance Think ја корегира проекцијата за падот на БДП во 2020 на минус 4,8 отсто, како и во четвртиот квартал од 2020 на минус 1,8 отсто. Под претпоставка дека економските текови ќе продолжат со разумно темпо на нормализација до почетокот на вториот квартал од 2021, што пак е одредено од брзината и ефикасноста на вакцинирањето против Ковид-19, проекцијата за растот на БДП во 2021 изнесува 4,9 отсто“, велат од институтот Фајненес Тинк.

Негативните податоци за економијата беа доволна причина и за нова преписка помеѓу власта и опозицијата. Според ВМРО-ДПМНЕ со овој податок земјава го допрела дното, односно во секое поле од општеството се постигнуваат само неуспеси. А опозицијата ги наведе политичките, здравствените, економските и еколошките проблеми на земјава во врме на оваа криза. Конкретно за БДП велат дека мерките на владата за справување со пандемијата биле само шминка пред јавноста и не дале никакви резултати.

„Немаше 1 милијарда, немаше соодветна реакција, имаше само трошки за помош на економијата. Парите се потрошија, но бесцелно. Само 8,4 отсто од цели 4,1 милијарди евра расходи за 2020 година. Нашите повици за посилна реакција и спас на економијата беа реални, нашата реакција за катастрофата кај капитални инвестиции беше реална, нашиот повик да штедат на непродуктивни и неразумни трошења во сред криза, а да трошат повеќе фирмите и населението беа разумни. Сега имаме буџетска дупка од 920 милиони евра, раст на јавниот долг за 10 процентни поени до ниво од 60 отсто од БДП – кое станува критично, а имаме пад на македонската економија од високи 5.9 отсто. Реален пад на бруто инвестициите со три квартали од 8,8 отсто на годишна основа – повисок пад имаме сега кај инвестициите, од падот на инвестициите за време на интерниот воен конфликт во 2001 година кога падот бил 6 отсто“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Власта го возврати ударот со образложението дека економската слика во државата полека се подобрува. Се зголемува индустриското производство на земјава и компаниите ја враќаат ликвидноста на некое одржливо ниво.

„Значителниот раст на БДП не ја надмина само владината проекција, туку и таа на Меѓународниот монетарен фонд и на Светска банка.

Уште еден илустративен податок за растот на БДП е дека Северна Македонија е на осмо место по раст, на табелата од 38 земји од Европската Унија и регионот, и тоа пред Бугарија, Кипар, Хрватска, Чешка, Словенија и други земји членки на унијата.“ Велат од СДСМ

Инаку, официјално Македонската економија влезе во рецеција. Бруто домашниот производ во два последователни квартали забележува пад. Во третото тримесечје падот е минус 3,3 отсто, а во второто – 14,9 отсто пад на БДП. Според Државниот завод за статистика најголемо намалување има во извозот и тоа за 6,8 отсто и во финалната потрошувачка за 1,4 отсто.

Превземено од denar.mk

Реклама