Сè се случува за време и во периодот на големи немири и конфликти во Ерусалим.
Израелската армија ќе ги одржи најголемите воени вежби во историјата, кои ќе траат еден месец под името Огнени кочии.
На вежбата ќе учествуваат армијата, морнарицата и авијацијата, редовните војници и резервистите, кои ќе вежбаат борбени и вонредни ситуации во сите региони на Израел, пренесува израелски Кан њуз.
За прв пат од основањето на израелските одбранбени сили, армијата на таа земја ќе симулира „месец на војната“ со цел да ја подигне борбената готовност. Во вежбата ќе учествуваат и други организации за вонредни ситуации и безбедност, јавуваат израелските медиуми.
Меѓу сценаријата се влегувањето и маневрите во длабочините на непријателската територија, заедничката акција на единиците, но и соработката со државните служби за итни ситуации. Исто така, планирани се гаѓања и маневри во населени места.
Големата воена вежба ќе се одржи иако немирите започнаа во Израел за време на светиот муслимански месец Рамазан, кој трае веќе неколку дена и во кој полицијата и Палестинците се во конфликт.
Израелските медиуми наведуваат дека поради вежбата, Хезболах исто така го подигнал нивото на борбена готовност во јужен Либан и Сирија. Тој степен е на највисоко ниво од Втората либанска војна во 2006 година, според либанскиот Ел Нашра.
Немирите во Ерусалим предизвикаа реакција од Русија, САД, ЕУ и ООН, кои повикаа на прекин на натамошна ескалација на насилството. Арапската лига планира да одржи вонреден состанок денес, на кој ќе разговара за ескалацијата на насилството во Ерусалим.