Овa се најскапите градови во светот за странски работници

Годишниот извештај на Мерсер рангира 209 градови во светот врз основа на споредба на трошоците за живот, што вклучува трошоци за домување, превоз, храна и забава, при што како компаративна основа е земен Њујорк, пренесува Си-Ен-Ен.

Ашхабат, кој беше втор на минатогодишната листа, некако се издвојува од групата 10 најскапи градови за странски работници, во која се вклучени претежно светските деловни и финансиски центри како Хонг Конг, кој беше најскап лани и втор оваа година, потоа Токио (четврти оваа година), Цирих (петти) и Сингапур (седми), наведува американската ТВ станица.

Реклама

Според извештајот на Мерсер, сегашната финансиска криза во Туркменистан, која доведе до недостиг на храна и хиперинфлација, влијаеше на скокот на трошоците за живот во Ашхабад во последните неколку години.

Како најголемо изненадување во однос на минатогодишното истражување, Мерсер го посочува Бејрут, кој скокна од позицијата 45-ти најскап град за гастарбајтери во 2020 година на третото место оваа година.

Причините за ваквиот потег, според толкувањето од извештајот, се сведени на економска депресија во Либан, која беше отежната од пандемијата ковид-19 и кобната експлозија во пристаништето во август минатата година.

Европските градови годинава, исто така беа рангирани релативно поскапи од американските, со оглед на растот на еврото на скоро 11 проценти во однос на доларот, што резултираше Њујорк дури и да испадне од првите 10 на Мерсер, додека Париз се искачи од минатогодишното 50-то место на 33-то место оваа година.

Слично е и со австралиските метрополи, како што се Сиднеј и Мелбурн, кои се искачија на ранг-листата поради апрецијацијата на австралискиот долар.

Што се однесува до најевтините градови за работници од странство, на дното на рангирањето на Мерсер се наоѓаат Тбилиси, главниот град на Грузија (207. место), Лусака, Замбија (208) и главниот град на Киргистан, Бишкек (209), според Си-Ен-Ен.

Реклама