Ова е земјата во ЕУ со најмногу должници: Дури и тинејџерите се во проблем, многумина гледаат решение во една пресуда

Во Чешка постојат 4,4 милиони постапки за принудна наплата, а повеќе од 2.000 малолетници се презадолжени. Често зад ова се крие наследување на долг од родителите. Една пресуда сега им дава надеж на должниците. Јана Чикова повеќе не верувала дека нејзиниот живот некогаш ќе стане нормален. Како 11-годишно девојче од својот татко наследила долгови од 800.000 евра, кои нејзиниот татко ги собирал со неуспешни бизниси. „Веќе престанав да се борам. Барам работа каде што можам да им помагам на луѓето, а парите воопшто не ме интересираат. Доверителите и онака го јадат најголемиот дел“, вели Чикова.

Нејзината приказна е типична за проблемот со задолжувањето на многу Чеси. Поради законската регулатива која долга низа години предвидувала таканаречен личен банкрот, но и поради попустливиот однос кон лихварските кредити, стотици илјади Чеси се во долгови, пишува „DW“.

Google search engine

Најапсурдните случаи се кога деца наследуваат долгови од родителите кои по некое време е речиси невозможно да се отплатат поради каматите, казните и административните трошоци.

Сега една пресуда донела надеж во животите на овие невини должници. Според таа пресуда, на неодредено се стопира заплената на поголем дел од приходите на Јана Чикова, која работи како психолог.

Институтот за решавање на долгови, организација која настанала на иницијатива на граѓаните, редовно ја шокира чешката јавност со актуелните статистики. Во земјата со околу 10 милиони жители моментално се водат околу 4,4 милиони постапки за принудна наплата, кои погодуваат околу 700.000 луѓе. ОД тоа дури 2.000 должници се малолетни. Многу возрасни се во долгови уште од детство.

 

Во меѓувреме е променет законот и таканаречениот приватен банкрот е можен, но правилата за оваа постапка се многу построги отколку во другите европски држави. По петгодишниот процес, судот одлучува дали должникот вложил доволно напори да се ослободи од своите долгови.

Уште една иницијатива неодамна им излегла во пресрет на оние кои им должат на јавните институции, како здравственото осигурување, радио или ТВ такса или долгови во јавниот превоз поради возење без карта.

За многумина првобитно малиот долг поради камата пораснал до астрономски размери кои не може да се платат. Сега јавните доверители овозможуваат плаќање на првобитниот долг со мала дополнителна камата. Досега 15.000 Чеси се ослободиле од долговите благодарение на оваа иницијатива.