Во Франција е отворена истрага против еден осомничен организатор на масовен илегален дочек на Новата година во северозападниот регион Бретања, соопшти обвинителот на Рен, Филип Аструк.
Како што пренесуваат француските медиуми, истрагата е отворена против лице на возраст од околу 20-тина години, а меѓу другото е обвинет за загрозување на туѓи животи.
Осомничениот признал дека учествувал во организацијата на забавата, но јасно е дека таков голем настан нема организирано само едно лице, па според обвинителот, треба наскоро да бидат откриени и другите организатори кои исто така треба да одговараат пред законот.

И покрај полицискиот час и ограничувањата за големите собири поради пандемијата на коронавирусот, околу 2,500 луѓе ја дочекаале Нова година илегално во напуштено складиште во Лиерон.
Според обвинителот Аструк, помалку од 5% од присутните носеле заштитни маски, а на самата забава се продавала дрога како канабис, хероин и ЛСД.