„Отворен Балкан“ – Со идентификациски број до дозвола за работа без бариери во три земји!

Привршуваат последните подготовки за добивање идентификациски броеви на „Отворен Балкан“, односно дозвола за работа без бариери во Албанија, Србија и Македонија.

Без никакви административни бариери граѓани на Србија, Македонија и Албанија ќе можат да бараат работа и да се вработат во некоја од трите земји, со помош на идентификациски броеви што се предвидени со иницијативата „Отворен Балкан“.

Google search engine

Според оптимистички прогнози, првите идентификациски броеви се очекува да бидат издадени на крајот на мај или почетокот на јуни, што би значело дека уште ова лето може да има голема флуктуација на работна сила во трите земји.

Од домашните надлежни институции потврдуваат дека се работи на усогласување на техничките детали за оваа постапка. Како ќе изгледа таа повеќе информации даде советникот на претседателот на Стопанската комора на Србија, Ненад Ѓурѓевиќ во гостување на РТС.

„Секој граѓанин кој сака да се вработи во една од овие три земји, преку порталот е-Управа ги внесува своите основни податоци: број на лична карта или пасош и други податоци кои потврдуваат дека се работи за таа личност. Преку тој портал добива идентификациски број на ‘Отворен Балкан’, со кој практично стекнува право да конкурира за работа во која било од овие три земји. Очекуваме и се надеваме, на следниот самит на ‘Отворен Балкан’ кој треба да биде во почетокот на јуни во Скопје, да се издадат тие идентификациски броеви, односно лични карти и да почне сезоната за нивна работа во трите држави“, вели Ѓурѓевиќ.

Постапката треба да биде усогласена во трите земји. Во моментов таа предничи во Србија, а истите технички карактеристики за подготвка на постапката се следат и во Албанија и Македонија. Целта е да има унифициран пристап, но и достапни информации на четири јазици: македонски, албански, српски и англиски.

Договорот ќе подразбира поедноставни процедури за влез, движење, престој и работа, а траењето на работната дозвола најверојатно ќе биде поврзана со периодот во кој е предвиден договорот со работодавачот, но за тие детали сѐ уште се разговара.

Во моментов недостигот на работна сила во трите земји најмногу се лоцира во областа на земјоделството, градежништвото, угостителството и туризмот. Прашањето е кој пазар ќе се покаже како најконкурентен и дали, на пример, тоа би значело прилив на работна сила во Македонија, или одлив и на онаа малку што ја има, а досега не успеала да замине во некои од европските земји или прекуокеански земји.

САД ја охрабрува Црна Гора?

Иако беа поканети сите земји од западнобалканската шесторка, досега само три се во иницијативата „Отворен Балкан“. Регионални медиуми објавија дека САД во разговори со новата црногорска влада, наводно веќе го покренале прашањето за пристапување на Црна Гора во „Отворен Балкан“, бидејќи тоа го сметале за чекор кон стабилизирање на прозападниот курс на регионот. Од друга страна, како причини поради кои некои од земјите не се вклучија во иницијативата, беше наведувано токму спротивното – стравување дека зад инцијативата се доминантно српски интереси, а посредно и на нејзини антизападни пријатели.