Откриена е големата тајна на Европската комисија: Политичарка по грешка ги објави цените на вакцините

Европската комисија веќе подолго време одбива да даде информации околу цената на вакцината против коронавирусот кои ги нарачува во име на земјите членки.

Иако многу граѓански здруженија и парламентарци бараат транспарентност во тоа, затоа што вакцините сепак се плаќаат со парите на даночните обврзници, од Комисијата одбиваа да ги откријат цените истакнувајќи дека станува збор за таен комерцијален договор.

Google search engine

Но, по грешка ценовникот сепак протече во Белгија. Државната секретарка за буџетот на Белгија, Ева Де Бликер на Твитер по грешка ги објави цените, а иако твитот набрзо потоа го избриша, речиси сите европски медиуми ги пренесоа цените на вакцините.

Според ценовникот, граѓаните на Европската унија вакцините против коронавирусот ќе ги плаќаат од 1,78 до 18 евра по доза.

Првата вакцина која веќе се користи во светот, од производителот Фајзер/Бајонтек, Европската унија ја договорила по цена од 12 евра, а со оглед на тоа што ќе бидат потребни две дози, ќе биде потребно да се издвојат 24 евра. Најевтината вакцина е онаа на Универзитетот Оксфорд и АстраЗенека која чини само 1,78 евра по доза.

Ценовник:

Oxford/AstraZeneca: €1.78

Johnson & Johnson, $8.50

Sanofi/GSK: €7.56

BioNTech/Pfizer: €12

CureVac: €10

Moderna: $18

Во меѓувреме, државната секретарка на Белгија изјави дека објавата била „грешка од страна на тимот за комуникација“, но тоа нема да го загрози снабдувањето со вакцини на Белгија.