Ова е темата за која што најмногу се зборува во кошаркарските кругови по одржаниот „Ол-стар“ во САД.
Еден од најдобрите кошаркари на денешницава – Леброн Џејмс, дал интересна изјава за вакцинацијата против коронавирусот.
Американскиот суперстар и член на Лос Анџелес Лејкерс смета дека секој човек треба да има слобода да одлучи дали сака или не сака да се вакцинира против коронавирусот.
По 70-от „Ол-стар“, американските новинари го прашале Леброн што мисли за вакцинацијата, а освен нему истото прашање му го поставиле и на Адам Силвер – првиот човек на НБА, кој што изјавил дека тоа треба да биде лична одлука на секој човек.
„Што се однесува до вакцинацијата, тоа е разговор за мене и моето семејство. Тоа е приватна работа. Го видов коментарот на Адам за вакцинацијата. Кога ќе донесете одлука за такви работи, тоа е разговор меѓу вас и вашите најмили. А, не за сите. И така ќе остане“, изјавил Леброн, пренесува „NBC“.
Американскиот кошаркар изнел мислење и за одржувањето на „Ол-стар“ турнирот:
„Сите знаат колку ја сакам нашата лига и обожувам што можам да играм кошарка на највисоко ниво. Само мислам дека под вакви околности, со пандемијата и сите останати работи што се случуваат во светот, не можеше поинаку да ја согледаме ситуацијата и да го прескокнеме „Ол-стар“. Меѓутоа, тоа е надвор од нашите раце. Што можам да контролирам – тоа го контролирам“, изјавил 36-годишниот Леброн, па додал:
„Сите знаевме дека може да дојде до некакви компликации. Бен Симонс и Џоел Ембид не играа затоа што биле на фризер кој што имал позитивен резултат на коронавирусот, па мораа да бидат во изолација. Им посакувам сè најдобро, иако тие не се позитивни на коронавирусот“, заклучил Леброн.