Повеќето луѓе би биле воодушевени да добијат милионска понуда за купување на нивниот дом, но семејството Замит од Австралија не е едно од нив.
Ова семејство одбило понуда од градежна компанија во вредност од 50 милиони австралиски долари (30 милиони евра) за да се отселат од својот дом, изграден во стил на дворец.
Имено, поради соседствата кои ги обновуваат градежните компании, нивната недвижнина се истакнува во однос на сите нови градби кои ја опкружуваат, но сопствениците и понатаму одбиваат да потклекнат на нивните барања.
Импресивниот имот се наоѓа во предградието Квејкерс Хил, на 40 минути од центарот на Сиднеј и има пространа патека со поглед кон Сините планини кои го одземаат здивот.
Нивната одлука да одолеат на искушението наишла на поддршка од соседите, но и локалниот агент за недвижнини Тејлор Бредин кој за „7News“ го пофалил семејството.
„Факт е дека повеќето луѓе го продадоа земјиштето пред многу години, но овие луѓе издржаа. Секоја чест“, изјавил тој, а потоа објаснил дека на нивното земјиште би можеле да се изградат околу 50 нови куќи, па затоа е јасно зошто се „преплавени“ од понуди.
Иако семејството е среќно што сè уште има свој дом, тие објасниле дека предградието е непрепознатливо во однос на состојбата што ги дочекала кога го купиле имотот пред 10 и пол години.
This house in Australia has continually rejected offers for purchase, most recently a $50 million dollar offer, per 7News: pic.twitter.com/jCtxOMTCn6
— unusual_whales (@unusual_whales) May 7, 2023
„Порано тоа беше обработливо земјиште со мали куќи и викендички. Секој дом беше уникатен и имаше толку многу простор, но веќе не е така. Едноставно не е исто“, открила Дајан Замит во едно интервју.
Еден сосед изјавил: „Многу сум среќен што одбија да продаваат. Тоа ја прави нашата улица многу побезбедна за нашите деца, а нивниот голем тревник до нас прави да се чувствуваме како да имаме повеќе простор“.
„Нашите соседи не го разбираат тоа бидејќи другите куќи се толку блиску една до друга. Ние сме им многу благодарни! Се надевам дека ќе останат“, додал тој.



