Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши зголемување на цените на нафтените деривати во просек за 1,84% во однос на претходната недела.
Според новата одлука, од вечерва по полноќ цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за половина денар за литар и ќе изнесува 71 денар, а ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе бидат поскапи за 1 денар и ќе се продваат за 73 односно 62,50 денари по литар.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 1 и пол денар по литар и ќе изнесува 62,50 денари.
Цената на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,089 денар/килограм и сега ќе изнесува 37,019 ден/кг.
Во изминатиот седумдневен период сите референтни цени на светските берзи во просек бележат зголемување: бензинот за 2,338 %, дизелот за 3,952 %, екстра лесното масло за 4,602 % и кај мазутот зголемувањето е за 3,891 %, посочуваат од Регулаторната комисија.