Од денеска во сила новите мерки: Полициски час од 21, отворени терасите на кафеаните

Угостителските објекти од денеска ќе можат да ги отворат терасите и да работат до 20:30 часот. Од денеска престанува да важи и забраната за организирање, одржување и присуство/учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.

Забраната за организирање свадби, родендени и крштевки останува, а продолжува да важи и забраната за работа на сите фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор.

Google search engine

Согласно владината Одлука донесена по препорака на Комисијата за заразни болести, угостителските објекти регистрирани за прослави (свадби, родендени и крштевки) ќе можат да ја организираат својата работа само како ресторани на отворено (на терасите).

И вежбалните, фитнес клубовите, спортските центри и спортските сали ќе може да ја извршуваат дејноста на отворен простор, согласно соодветниот наменски протокол.

Како што соопшти Владата, новите мерки ќе важат до 15 мај.

Владата вчера соопшти дека полицискиот час од денеска ќе почнува во 21:00. До тогаш ќе функционира и јавниот градски превоз. Билетарниците на ЈСП и центрите за персонализација ќе работат од 6:00 до 19:30 часот. Жичарницата на Водно нема да работи, а нема да сообраќаат ниту трите линии до Средно Водно (25, 25А и 25Б), како и туристичката линија „Сити тур“. Исто така, продолжува да не важи и бесплатниот превоз за возрасни – во вторник, петок, сабота и недела.