Од среда, 1 декември, се забранува употребата на пластични кеси во нашата земја. Со тоа веќе нема да се произведуваат пластичните кеси, а биоразградливите ќе се наплаќаат по 15 денари.
Со ваквиот потег треба да се дестимулира купувањето на ваквите производи кои ја загадуваат околината.
За средствата од продадените пластични кеси, трговците ќе мора да водат евиденција по квартали, а надоместоците ќе треба да ги уплаќаат на посебна сметка на органот за животна средина.
„Дефинитивно ова е момент за да ги смениме нашите навики и се освестиме за тоа колку отпад создаваме“, порачуваат од „Гоу грин“.

Оттаму посочуваат дека во просек трошиме по две пластични кеси по жител секој ден, пренесува „Вечер прес“.
Исто така, од 1 декември се забранува користењето на пластичното пакување за еднократна употреба во угостителските објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја во Македонија.
Ова се дел од мерките вградени во шесте пакет закони во делот на управување со отпад што беа донесени во септември оваа година, со цел да се подигне свеста кај населението за намалување на отпадот и да се применат стратегиите и другите политики во Европската Унија за повторна реупотреба и рециклирање, користење на отпадот како гориво и депонирање, како најнепосакувана опција за справување со отпад.