Внатрешната контрола на полицијата во Чикаго вчера објави видео снимка на која полицаец убива 13-годишно момче, а ова е најновиот пример на полициска бруталност кој би можел да ги разгори немирите во овој град.
Деветоминутното видео снимено со камера на телото на полицаецот започнува така што неидентификуван полицаец излегува од возилото и трча по Адам Толедо во квартот Вест Сајд.
Видеото потоа го прикажува полицаецот кој му вели на Толедо да застане, пред да успее да го стигне и му наредува да ги покаже рацете. Изгледаше како Толедо да ги подига рацете пред полицаецот да испука куршум и потоа веднаш дотрчува до момчето кое паѓа на земја.
„Испукан е куршум, испукан е куршум: Испратете итна помош“, вели полицаецот.
Полицијата во Чикаго веднаш после инцидентот објави дека Толедо во рацете имал револвер, но видеото покажува дека тоа не е точно. Полицајците го бркале Толедо и уште едно лице откако добиле дојава дека во близина на местото имало пукање.
„Голем број на полицајци пристигнале на улицата во 2:30 часот наутро и едноставно кажано, го изневерија Адам“, изјави градоначалничката на Чикаго, Лори Лајтфут на прес конференцијата, по што видеото беше објавено и на YouTube.
„Чикаго, како и многу други градови во нашата земја, има долго наследство на полициско насилство и лошо постапување, поради што многу граѓани, посебно оние кои не се бели, се во константен страв и болка“, изјави Лајтфут.