Министерот за енергетика на Обединетите Арапски Емирати, Сухаил ал-Мазруи, денеска изјави дека единствената мисија на групата ОПЕК + е да го стабилизира нафтениот пазар и да обезбеди што е можно повеќе снабдување и дека истиснување на кој било партнер од нафтената алијанса само ќе ги зголеми цените на „црното злато“.
Во обраќањето на енергетската конференција во Дубаи, на која присуствува и саудискиот министер за енергетика, Ал-Мазруи рече дека САД треба да бидат прагматични и да разберат дека производителите на ОПЕК + работат на балансирање на ситуацијата на пазарот на нафта во интерес на потрошувачите, пренесува Ројтерс.
Тој нагласи дека САД се „важен партнер за сите и сме горди на тој однос, но она што ни треба е прагматизам и заеднички став за енергетските цели, а не да ни се кажува што треба да правиме“.
Ал-Мазруи, исто така, рече дека некои партнери од групата ОПЕК + не може да се истиснат и дека барањето членка да биде исклучена од нафтената алијанса ќе доведе до пораст на цените, што ќе биде спротивно на интересите на потрошувачите.
Тој нагласи дека државите можат сами да одлучат од кои земји ќе купуваат нафта и дека задачата на групата ОПЕК + не е да носи одлуки во име на целиот свет. Тој додаде дека е тешко да се предвиди состојбата на нафтениот пазар во иднина поради неизвесноста дали иранските барели ќе се вратат на пазарот и дали ќе се зголемат инвестициите во секторот за нафта и гас и оти смета дека побарувачката за нафта продолжува.
Саудискиот министер за енергетика, принцот Абдулазиз бин Салман, исто така се обрати на денешната конференција во Дубаи, предупредувајќи дека светската економија ќе ги трпи последиците доколку биде загрозена безбедноста на снабдувањето со нафта.
Тој оцени дека безбедноста во снабдувањето со нафта сега е приоритет и дека некои земји забораваат на важноста од пристапот до тој енергенс.
Тој додаде дека Саудиска Арабија ќе има вишок капацитет од околу 2,0 милиони барели нафта дневно благодарение на зголеменото производство.
Цените на нафтата денеска го продолжија својот надолен тренд поради стравувањата од помала побарувачка од Кина, бидејќи Шангај воведе карантин за борба против ширењето на епидемијата на Ковид-19. Американската сурова нафта WTI падна за 0,7 отсто на 105,17 долари за барел, а европската нафта Брент се тргуваше за 111,65 долари за барел, исто така 0,7 отсто пониска од затворањето во понеделникот, објави Ројтерс.