Во учебникот по историја за петто одделение откриени се крупни грешки кои откако ги воочиле родителите на децата, реакциите во јавноста не престануваат.
Ова се дел од воочените грешки во учебникот:
– На децата им се нуди информација дека највисокиот врв на светот е Монт Еверест на Хималаите и истиот е висок 29.305 метри.
Како што знаеме досега се учеше дека врвот го нарекуваат и покривот на светот и е висок 8.849 метри. Очигледно дошло до грешка поради лош превод. Монт Еверест е висок 29.305, ама не метри туку стапки. Доколку стапките се претворат во метри се добиваат точно 8.849 метри.
– Во делот каде се опишуваат географските карактеристики на Македонија, наведено е дека Република Македонија на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија. Северниот и јужниот сосед се правилно напишани, Србија и Косово на север и Грција на југ.

– Третиот лапсус којшто се забележува во овој учебник е во лекцијата во која се опишува Португалија. Текстот во истата е коректен, но наместо знамето од Португалија, ставено е знамето на Шпанија.

Инаку, ова е само еден од учебниците кои доцнат со месеци додека учениците учеа од импровизирани материјали. Првото тромесечjе помина речиси без учебници. Дали и колку грешки има во другите МОН допрва ќе проверува. Министерот за образование Јетон Шаќири во разговор за „Телма“ само кусо соопштил дека авторите на спорниот учебник кој предизвика бура реакции во јавноста, за денеска се повикани на состанок.