Новиот предлог Закон за игри на среќа ќе ги затвори обложувалниците!?

Новиот предлог закон за игри на среќа е ставен на ЕНЕР. Зголемени давачки за компаниите од овој бизнис и дислокација на објектите кои се наоѓаат во близина на образовни институции. Новите правила кои ги предвидува законското решение, според приредувачите на игри на среќа ќе придонесат за уништување на целиот сектор. Зголемени давачки, даноци, повеќе пари за лиценци и ред други нови правила кои според нив ќе го отежнат функционирањето на овој сектор. Од здружението Антикоцкање пак остануваат на ставот дека обложувалниците треба да бидат надвор од населени места.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија жестоко реагира на Предлог измените на Законот за игри на среќа, кој е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи од страна на Министерството за финансии. Од АСОМ изразија жалење што и покрај многуте обиди како што велат од нивна страна за конструктивно делување во унапредување на регулативата, повторно се предлагаат измени кои водат до затворање на една стопанска гранка, а со тоа според нив ќе има губење на ијладници работни места, и последно огромни загуби за државниот буџет. Нивните забелешки велат дека во најбрз рок ќе ги достават преку ЕНЕР, а ќе се однесуваат за зголемување на даноците и давачките, потоа правните импликации по однос на скратување на стекнатото деловно право преку важечки лиценци, но пред се на оддалеченоста од 500 метри на деловните објекти од образовните институции.

„Измените за одалечување на деловните објекти се целосно неприфатливи и подготвени сме силно да се спротивставиме на ваквиот предлог. Растојанието од 500 м оддалеченост на нашите деловни објекти од образовните институции значи затворање на 98% од уплатно-исплатните места, односно гасење на целата стопанска гранка. Со ова директно се загрозува егзистенцијата на повеќе од 8.000 семејства, односно повеќе од 8.000 вработени кои преку ноќ ќе останат без работа. Ефектите од ова ќе се прелееат и врз други стопански гранки како и врз повеќе од 50.000 работни места, кои индиректно зависат од нашата работа. Дополнително АСОМ посочува дека со ваквиот закон се одзема стекнатото деловно право на компаниите кои имаат важечки лиценци за постоечките објекти и укажуваат на домашни и меѓународни правни импликации доколку им се скрати ова право на компаниите“, велат од Асоцијацијата.

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници очекуваат дека на ваков начин владата ќе направи нов проблем во оваа дејност, а тоа е мотивирање на работата на црно. Според нив, несфатливо е како државата не може да ги предвиди ризиците од предлог законот, и додаваат дека во случај да се стави клуч на обложувалниците преку ноќ ќе се отворат тајно, нелегални обложувалници, и со тоа практично ќе згасне една стопанска гранка. Нивниот став е дека со затворањето на обложувалниците нема да се запре обложувањето, играчите ќе бараат и ќе си најдат алтернатива. И на тој начин државата воопшто ќе нема профит, а најмалку контрола на состојбата, предупредуваат од обложувалниците. Што се однесува до зголемувањето на давачките, од Асоцијацијата потенцираат дека даноците кои се подготвуваат со новоте решение ќе бидат највисоки во Европа, а пак наведената причина како што велат за нивно зголемување е целосно контрадикторно со оддалеченоста на објектите.

„Каква нелогичност е зголемувањето на даноците, наспроти растојанието на кое нé обврзуваат. Ако ние ставиме клуч на врата на нашите објекти, државата не само што нема да има бенефит од поголеми даноци, туку ризикува да изгуби повеќе од 250 милиони евра кои од игрите на среќа се слеваат во државниот буџет. Ова само потврдува дека законските измени се направени без економски анализи и без да се земат предвид импликациите врз државната економија која во моментов е силно погодена од пандемијата“, велат од АСОМ.

Инволвираните од овој бизнис заклучуваат дека предлог законот не е европски како што првично се најавуваше. Велат, европските закони не превидуваат оддалеченост на објектите, а образложението за тоа е дека ниту едно истражување во светот не покажало дека близината на објектите до образовните институции влијае врз навиките на младите луѓе.

„Законодавната пракса во европските земји не познава ограничувања, туку превенција која се врши со целосна забрана за влез на малолетници и големи казни за прекршување. И кај нас, во постоечкиот Закон за игри на среќа прашањето за забрана на учество на малолетници веќе е строго пропишано со членот 20 кој вели „лицата под 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа и не им е дозволен влез во просториите во кои се приредуваат игрите на среќа“, нагласуваат од АСОМ и бараат стопирање на процесот и вклучување на сите засегнати страни во подготовка на современ закон по европски терк.

Инаку, предлог Законот за игри на среќа веќе неколку дена е на ЕНЕР и засегнатите страни имаат можност да испраќаат забелешки и мислења за текстот. Еден од наспорните моменти во текстот, односно за одалеченоста на објектите најмалку 500 метри од основните и средните училишта е во 21 член од законот.

„Деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во обложувалница и автомат клуб, томбола од затворен тип и електронски игри на среќа се отвораат на оддалеченост од 500 метри од основни и средни училишта, до кои се доаѓа по најкраткиот безбеден пат. Начинот на утврдување на оддалеченоста од став (2) на овој член и документот со кој се докажува оддалеченоста ги пропишува министерот за финансии“, стои во текстот на  предлог Законот за игри на среќа.

Според зголемените давачки на компаниите од овој бизнис, тие ќе треба да обезбедат 125 илјади евра за добивање на лиценца за обложувалница, наместо досегашната сума која изнесуваше 105 илјади евра. Со лиценцата ќе може да се отворат 25 објекти, секој дополнителен ќе чини плус 5 илади евра.  Дополнително, приредувачите на игри на среќа ќе треба да плаќаат на државата и по 70 евра месечно по тернимал, наместо по 30 како досега. Драстично се предлага да се зголеми и лиценцата за приредување на игри на среќа, сега таа се предлага операторот да има основна главнина од 500 илјади евра, наместо 40 илјади евра.

Од Здружението Антикоцкање пак, првично бараа објектите да бидат надвор од населените места,  сега новото барање им е да нема обложувалници или друг тип на игри на среќа во близина на верски објекти.

Според планот, законските измени треба да влезат во владата најдоцна до 30 јуни, а според информаците претходно ќе има и консултации и со Министерството за информатичко општество.