Новинарката Цеце Николова со емотивна објава проговори за болеста со која се соочува

23-годишната новинарка Цеце Николова, која порасна во СОС Детско село и е основач на здружението за млади лица без родители, „За тебе“, објави две фотографии со кои на своите следбеници им откри дел од нејзината лична приказна.

Нашата колешка од Точка, која истовремено и неуморно работи во повеќе медиуми и проекти, собра храброст да застане пред фото-објективот без перика и да покаже како изгледа, но и да проговори за автоимуната болест со која се соочува целиот свој живот.

Реклама

Во емотивната објава, таа открива дека од кога знае за себе живее со алопеција и дека токму оваа 2021 година решила дека ќе се фотографира без перика.

Во продолжение, ви ја пренесуваме објавата во целост:

„Хај. Сакав да ви кажам нешто.
Ова сум јас. Драго ми е што се упознаваме.
Од кога знам за себе живеам со алопеција. Пред 3-4 години некако проценив дека баш во 2021-ва ќе ја извадам периката (која и да е и каква и да е) и ќе се сликам без неа – со коса, кратка.
Ама, кај мене никогаш нешто планирано не се десило. Одувек.
Пркни малку, падни многу, пркни повеќе – падни највеќе.
2021-ва дојде. Ја, еве, се сликам без перика.
Ова сум јас, луѓе.
Малку се преморив од перики и све што носат тие со себе. Многу внимавање, многу стрес (непотребен) – мрежа се гледала, корен немало, се лизга, ќе ми падне, овој ме гледа, оној примети, онаа рекла се занасам нешо…
Среќна сум што имам алопеција, зошто од неа не се умира! Само, еве, изгледам како што изгледам. Ама, фала богу што изгледам како што изгледам.
Ова не е ништо друго освен многу работа на себе, многу, многу стрес преживеан, многу работи извадени од под тепих – заборавени една деценија, и вртење на еден нов, многу вистински животен лист.
И, стварно нема поубаво од кога ќе се прифатиш каков што си.
Ама нека не ве лажат, лесно не е ич“.

Алопеција е автоимуна болест при која имунолошкиот систем, кој е задолжен да го штити организмот од надворешни елементи како што се вирусите и бактериите, по грешка ги напаѓа фоликулите на косата, што може да доведе до опаѓање на косата на главата, но и на други места.

Реклама