Нова научна студија: Евтин антидепресив може да ги спаси животите на заболените од Ковид-19?

Еден евтин антидепресив би можел да ја намали потребата од хоспитализација на високоризичните возрасни луѓе заразени со Ковид-19, покажуваат резултатите од една студија од Хамилтон која трагала за постоечки лекови кои би можеле да ја пренасочат нивната намена и да се користат за лекување на коронавирус.

Истражувачите го тестирале лекот „флувоксамин“ кој се користи за лекување на депресија и опсесивно компулсивно нарушување и кој е познат по тоа што го намалува воспалението, а заклучено е дека истиот може да има ветувачки резултати, пренесува „eurekalert“.

Реклама

Истражувачите ги споделиле деталите со американскиот Национален институт за здравје кои биле објавени во насока на лекување и се надеваат на „зелено светло“ од СЗО.

„Доколку СЗО го препорача ова, ќе видите дека наскоро тоа ширум светот ќе биде прифатено“, изјавил коавторот на студијата д-р Едвард Милс од Универзитетот Мекмастер во Хамилтон, додавајќи дека многу сиромашни земји го имаат лекот и тој е лесно достапен.

„Се надеваме дека тоа ќе доведе до многу спасени животи“, додал Милс. Таблетата би чинела околу 4 долари за лекување на Ковид-19. Во споредба, третманите со антитела чинат околу 2.000 долари.

Истражувачите го тестирале антидепресивот на околу 1.500 доброволци во Бразил кои неодамна биле заразени со коронавирус и биле во ризик од развивање на тешка клиничка слика поради дијабетес или срцеви проблеми.

Половината од нив добила антидепресиви, другата половина лажни таблети и биле набљудувани во временски период од четири седмици.

Во групата која консумирала лекови, 11 отсто од пациентите биле на болничко лекување, додека пак 16 отсто од пациентите кои земале лажни таблети исто така биле на болничко лекување.

Резултатите од студијата биле објавени во медицинското списание „The Lancet“.

Остануваат отворени прашањата за тоа која е најдобрата доза, како и дали и други пациенти кои не се во голем ризик да бидат хоспитализирани би можеле да се лекуваат на тој начин.

Се тестираат и други лекови кои би можеле да помогнат во борбата со Ковид-19.

Реклама