Денешниот ден донесе апсолутен рекорд на нови заразени случаи со Ковид-19 во соседна Грција со бројка од 21.657 ново-заразени за еден ден. Поради ова најверојатно ќе бидат потребни измени во најавените нови мерки, кои наместо да стапат на сила од 3 јануари, ќе бидат воведени пред почетокот на Новата година.
Карантинот за асимптоматските пациенти и оние со благи симптоми на вирусот Ковид-19 во Грција е намален од десет на пет дена. Ова го соопшти стручната комисија на Министерството за здравство по вчерашниот итен состанок.
Во продавниците и автобусите за јавен превоз задолжително е да се влегува само со маска со повисок степен на заштита од обичните. Баровите и рестораните во Грција ќе бидат отворени до полноќ, а нема да бидат дозволени високи маси и стоење на шанковите. На спортските настани, публиката е ограничена на 10 отсто од капацитетот.
Експертите бараат задолжителен ПЦР тест за сите невакцинирани лица кои работат во областа на туризмот. Полицијата засилено и постојано го следи носењето маски на отворено, казнувајќи повеќе од 2.000 луѓе дневно со казна во висина од 300 евра.
Казната за фирмите како и другите субјекти кој што не ги почитуваат Ковид-19 мерките се зголемува на драстични 25 илјади евра и дополнително одземање на лиценцата за работа на два месеци.
За денес е закажан нов состанок на експертската комисија за вирусот Ковид-19 на кој ќе се разговара за новата ситуација.