New York Magazine тврди: Вакцината против коронавирус на „Модерна“ била направена уште во јануари!?

Неодамна одобрената вакцина на компанијата „Модерна“ mRNA-1273, чијашто ефикасност се проценува на 94,5 отсто, била направена уште на 13 јануари, тврди New York Magazine.

Тоа било два дена откако кинескиот научник Јонг-Жен Жанг ја објави генетската низа на новиот коронавирус, поради што беше привремено протеран од лабораторијата каде што работи.

Според тврдењата на списанието, вакцината на „Модерна“ била направена во Масачусетс за еден викенд. Истата наводно била завршена пред да се потврди дека вирусот може да се пренесе од личност на личност и седум дена пред да се објави за првиот случај на Ковид-19 во САД.

Кога еден месец подоцна во САД беше потврдена и првата смрт од Ковид-19, вакцината веќе била произведена и испратена до националните здравствени институти за да започне првата фаза на тестирање.

Станува збор за најбрзиот развој на вакцини во историјата. Прашањето сега е дали целиот процес на одобрување можеше да оди побрзо со оглед на тешката зима што се предвидува.

Кина започна да им ја дава вакцината на војниците уште во јуни, а Русија ја одобри својата во август. Низ историјата, вакцините главно доаѓале во последната фаза на епидемиите, откако смртноста започнала да се намалува. Така било во случаите со сипаници, туберкулоза и тифус.

Научниците од мај веруваа дека вакцината е безбедна и само чекаа да видат колку е ефикасна. Ова го покренува прашањето дали е можно да се забрза процесот на развој на вакцини во иднина, односно некои конкретни фази – првата што се однесува на тестирањето на безбедноста или третата што се однесува на ефикасноста.

Вакцината против новиот коронавирус беше развиена брзо затоа што и претходеа истражувања правени по епидемијата на САРС во 2003 година. Научниците сега веќе знаат од кои вируси постои опасност да се развијат потенцијални пандемии во иднина.

Со доволно финансиски средства за нив, вакцините може да се развиваат превентивно, а потоа да бидат адаптирани во случај на појава на нов вирус. Во тој случај, целиот процес на развој на вакцините би се скратил на три месеци.