Неверојатна приказна од Јужна Америка: Маж преживеал 24 дена на море јадејќи само кечап

Иако преживувањето на море често завршува несреќно, 47-годишниот Елвис Франсоа од островот Доминика на Карибите преживеал 24 дена на едрилица и тоа јадејќи само кечап.

Според пишувањата на „Associated Press“, мажот го пронашла колумбиската морнарица и тоа 120 наутички милји северозападно од Пуерто Боливар. Франсоа во разговор со службениците изјавил дека видел и други пловила, но не успеал да го привлече нивното внимание.

Google search engine

Тој го изрезбал зборот „помош“ на едрилицата со надеж дека авионите кои прелетуваат би можеле да го видат и евентуално да повикаат помош.

Со цел да преживее, Елвис во текот на 24-те дена јадел исклучиво кечап.

„Немав храна. На бродот имаше само шише кечап и лук во прав. Тоа го помешав со малку вода за да преживеам 24 дена. Собирав дождовница за да останам хидриран“, изјавил за медиумите.

На крајот објаснил и како службите успеале да го пронајдат.

„На 15-ти јануари забележав авион. Имав огледало и со помош на него ги рефлектирав сончевите зраци кон авионот. Набрзо сфатив дека ме виделе. Можам да им бидам благодарен што сум жив. Беше многу тешко. Немав со кој да разговарам, не знаев што да правам ниту каде се наоѓам“, порачал Франсоа.